ТРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ВОЗАЧОТ НА АВТОБУСОТ КОЈ ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ ИЗЛЕТА ОД АВТОПАТОТ КАЈ ВЕЛЕС, ПРИ ШТО ЗАГИНАА ДВАЈЦА ПАТНИЦИ

    ТРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ВОЗАЧОТ НА АВТОБУСОТ КОЈ ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ ИЗЛЕТА ОД АВТОПАТОТ КАЈ ВЕЛЕС, ПРИ ШТО ЗАГИНАА ДВАЈЦА ПАТНИЦИОсновниот суд во Велес не му ја изрече максималната казна на возачот Стојановски откако тој го призна делото за кое се товареше (Фото: СДК.МК)

    Скопјанецот Ацо Николовски (50) доби три години затвор за сообраќајката која се случи пред две години на автопатот Велес-Скопје. Тој во Основниот суд во Велес го призна делото за кое се товареше „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, по што беше прогласен за виновен. Нему му се закануваше максимална казна затвор од пет години, но по признавањето на вината доби три и исто толку години забрана за возење автобус. Тој пред полната судница, во присуство на дел од повредените во несреќата, изрази жалење и каење за стореното.

    „Им се извинувам на сите оштетени. Јас како долгогодишен возач сум учен да превезувам патници, да стекнувам пријателства на патувањата, не како што се случи тоа попладне, да ги изнесувам повредени од автобусот. Го признавам делото, и од морални и од етички принципи“, рече Николовски.

    Обвинителката Аделина Станинова кажа дека јавноста нема да може да слушне што се случувало попладнето во критичните моменти.

    „Поради признавањето на вина, нема да бидат сослушани сведоците, кои ќе кажаа низ какви трауми поминаа тогаш, минуваат сега и ќе минуваат, оти тешко ќе го заборават настанот“, рече Станинова.

    Сообраќајката се случи на 20 август 2017, кога автобус со скопски регистарски ознаки, во сопственост на компанијата „Бус травел“ од Скопје, излета од автопатот на околу 4,8 километри по наплатната станица Отовица. Притоа почина брачната двојка Борислав и Нада Поп Николови од Велес, 13 лица беа тешко повредени, а 14 се здобија со полесни телесни повреди. Патниците се враќале од одмор од Грција.

    Според обвинението, до сообраќајката дошло оти возачот на автобусот не се движел по средината од коловозната лента и не ги држел страната и правецот на движење. Тој преминал на левата коловозна лента, по што излетал од патот, удрил во метална ограда и се превртел.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари