Три хотели и 14 згради ќе се градат во скопско Маџир маало кај Народна банка. Ова е предвидено со новиот ревидиран Детален урбанистички план (ДУП) Маџир маало 1, кој вчера беше усвоен на седница на Советот на Општина Центар. Планот опфаќа површина од 7,28 хектари и како што велат од Општината со него во голема мера се решени барањата на жителите од овој дел од градот, кои со години не можеле да ги обноват домовите.
Со планот се предвидуваат парцели за 14 згради со висина од приземје, пет спрата плус поткровје. Првично планот предвидуваше само приземје и пет спрата на зградите, но по барање и петиција на жителите додаден е уште спрат односно поткровје. Од Општината објаснуваат дека во парцелите за изградба на зградите се споени неколку куќи односно нема од секоја куќа во Маџир маало да никне зграда. Исто така се предвидени парцели и за три хотели со приземје, четири ката плус поткровје. Со измената на планот укината е одредбата од претходниот, кој бараше сите згради да имаат барокни фасада.
Предвидени се и пет мали паркови со вкупна површина од 1.195 метри квадратни, а со претходниот план на овој простор не се предвидуваше ниту една зелена површина.
„Избришани се две згради, а на сметка на тоа обезбедено е зеленилото. Со овој план за 23 проценти е намалена површина за градба, исполнета е обврската за 20 проценти зеленило во секоја градежна парцела и задолжително обезбедување на потребниот број паркинг места во самата парцела. Заштитен е пешачкиот дел од кејот, каде со претходниот план се предвидуваше улица за сообраќај“, рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на денешната прес-конференција за презентација на планот.
Оваа е осми план кој Општината Центар го носи откако пред три години почна со постапка за ревидирање на сите Детални урбанистички планови.
А. АНТЕВСКА