Три месеци траат градежните работи за реконструкција на скопската улица Орце Николов во делот кај Боемската улица. Поради градежните работи, воведен е посебен режим на сообраќај на дел од околните улици, а делови се и затворени, па речиси цел ден Дебар Маало е блокирано. Дополнително, метеж се создава и поради паркирани коли на сите страни од гостите во кафеаните, кои го користат тоа што улиците се затворени и никаде го нема пајакот. На сите страни стојат и расфрлени градежни материјали, песок, павер елементи и механизација, па ниту пешаците немаат каде да се движат.
Општина Центар овој дел од Орце Николов почна да го реновира во јули, градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека работите малку се одложиле бидејќи чекале БЕГ и ЕВН да постават нови инсталации.
„Доколку временските услови се добри, оваа недела ќе се заврши со оваа фаза од улицата и од понеделник делот од крстосницата со булевар Климент Охридски до Генералштаб ќе биде целосно прооден. Ќе остане уште последниот дел од Генералштаб до крстосницата со Рузвелтова“, вели Богдановиќ.
Реконструкцијата на Орце Николов почна во март годинава, а на стартот на градежните работи беше најавено дека ќе биде готова до јули.
Сo реновирањето, тротоарите се ослободени од коли и тераси од кафулиња, а изведени се пешачки и велосипедски патеки. На крстосницата со улицата Ленинова изведен е кружен тек, а на улицата е воведено паралелно паркирање со џебови за паркинг. Коловозната лента е намалена на 6 метри.
Реконструкцијата чини 1.2 милиони евра.
А. АНТЕВСКА