ТРИЕСЕТ СТРАНСКИ ОСУДЕНИЦИ ШТРАЈКУВАА СО ГЛАД ВО ЗАТВОРОТ К‘ШАЊЕ ВО КУМАНОВО ЗАШТО ИМ БИЛ ПРЕСТРОГ

    ТРИЕСЕТ СТРАНСКИ ОСУДЕНИЦИ ШТРАЈКУВАА СО ГЛАД ВО ЗАТВОРОТ К‘ШАЊЕ ВО КУМАНОВО ЗАШТО ИМ БИЛ ПРЕСТРОГК‘шање е најнов и најсовремен затвор во државата и има најдобри услови за затворениците (Фото: СДК.МК)

    Триесет странски државјани, осудени за различни кривични дела, еден ден штрајкуваа со глад во затворот К`шање во Куманово, незадоволни од условите. Затвореници од Албанија, Србија, Пакистан, Судан, Сирија и други земји се жалеле на сместувањето, храната и на строгата дисциплина во установата.

    Директорот на затворот Марјан Спасовски вели дека штрајкот почнал вчера, а денеска е прекинат откако имал средба со затворениците. До него не било доставено писмено барање со конкретни забелешки на условите, туку на средбата му кажале што не им се допаѓа во затворот.

    „Ние ќе преземеме сѐ што е во наша надлежност за решавање на проблемот. Ќе ги известиме странските амбасади и сите надлежни институции, Управата за спречување на санкции и Министертсвото за правда за да најдеме заедничко решение. Условите во затворот се исти за сите осудени лица, согласно куќниот ред предвиден со законот“, вели Спасовски.

    Затворениците биле донесени во К‘шање од затворот Идризово во петокот и саботата. Неофицијално, причината за штрајкот е барањето да бидат вратени во Идризово, затоа што во К‘шање им било многу строго и немаат мобилни телефони и допир со други затвореници.

    К‘шање е најнов и најсовремен затвор во државата и има најдобри услови за затворениците. Тој има површина од над 5.000 квадратни метри и капацитет за 250 затвореници. Во изградбата биле потрошени 234 милиони денари. Затворот располага со амбуланта, кујна, трпезарија, перална, работилници, едукативен центар, отворени спортски терени, теретани, матична служба, посебна просторија за средби на осудените лица со партнерите и друго. Во затворските простории е вграден современ систем за контрола и видеонадзор на затворениците.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира