ТРИЕСЕТИНА ДЕЦА ОД ТРИ КУМАНОВСКИ ГРАДИНКИ ПРИМЕНИ ВО БОЛНИЦА СО СИМПТОМИ НА ТРУЕЊЕ ОД ХРАНА, ДВЕ ЗАДРЖАНИ НА ЛЕКУВАЊЕ

    ТРИЕСЕТИНА ДЕЦА ОД ТРИ КУМАНОВСКИ ГРАДИНКИ ПРИМЕНИ ВО БОЛНИЦА СО СИМПТОМИ НА ТРУЕЊЕ ОД ХРАНА, ДВЕ ЗАДРЖАНИ НА ЛЕКУВАЊЕРодителите се сомнаваат дека дечињата се отруле од храната во четвртокот, бидејќи во петокот почнале првите симптоми (Фото: СДК.МК)

    Tриесетина деца на возраст од две до шест години со симптоми на труење од храна викендов добиле лекарска помош во Кумановската болница. Поради висока температура, повраќање, пролив и грчеви во стомакот, две се задржани на лекување, а останатите се пуштени дома откако добиле адекватна терапија.

    Родителите се сомневаат дека децата се отруле од храна во кумановската градинка, додека директорката Марина Алексовска вели дека ги чекаат резултатите од надлежните институции. Од утринава, во градинката се инспектори од Државниот санитарен здравствен инспекторат и од Агенцијата за храна и ветеринарство и епидемиолог од Центарот за јавно здравје.

    „Во петокот, две деца имаа температура и пролив и ги повикавме родителите да си ги земат децата. Не знаевме дека за викенд и други деца побарале помош во Општа болница. Синоќа кога разбрав, ги информирав надлежните институции и тие денеска започнаа со епидемиолошки истражувања и земаа брисови од сите три објекти, па ќе видиме што ќе покажат резултатите“, вели Алексовска.

    Од утринава, затворена е кујната во објектот „Пчелка“, каде што се подготвувала храната, а потоа со возило се носела во другите две градинки. Денеска дечињата добиваат храна од друга кујна, која работи во централната градинка.

    Родителите се сомнаваат дека дечињата се отруле од храната во четвртокот, бидејќи во петокот попладне почнале првите симптоми.

    „Детето имаше температура од 40 степени. Се извадивме од памет и веднаш го однесовме на лекар. Првата претпоставка беше дека се работи за коронавирус, а подоцна и дека е стомачен вирус. Откако со исти симптоми беа донесени и други деца од неговата група, знаевме дека е од градинката“, раскажува еден од родителите.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира