ТРИТЕ ДЕЦА ШТО ИЗГОРЕА ВО ПОЖАР ВО ВЕЛЕС БИЛЕ САМИ ДОМА

    ТРИТЕ ДЕЦА ШТО ИЗГОРЕА ВО ПОЖАР ВО ВЕЛЕС БИЛЕ САМИ ДОМА„Откако пожарникарите го локализираа огнот во куќата пронајдовме три јагленосани тела на деца, две девојчиња на едно и пет години и едно машко на две години. Сите беа во различни делови од куќата“, рече д-р Тања Сарагинов доктор од Итната помош (Фото: СДК.МК)

    Трите деца кои попладнево изгореа во пожар во нивниот дом, кој се наоѓа под ридот Вршник во Велес, биле на возраст од една, две и пет години. Нивните јагленосани тела пожарникарите и лекарите од велешката Брза помош ги нашле во различни делови од куќата, откако бил изгаснат огнот.

    На местото на пожарот попладнево беше дежурниот обвинител Аделина Станинова, која рече: „Има пожар во кој се настрадани три деца. Повеќе информации ќе има утре“.

    Децата во критичните моменти биле сами дома, бидејќи родителите биле да купат јадење. Огнот го забележале соседите околу 15.30 часот и веднаш повикале пожарна и лекарска екипа. Пожарникарите стигнале во 16.05 часот, а огнот е локализиран во 18 часот.

    „Кога стигнавме кровот и гредите беа паднати, а имаше и силен пламен. По локализирањето го пребарувавме просторот за да ги пронајдеме децата. Баравме по околината да не побегнале, но за жал беа внатре. Дали не можеле да излезат оти вратата била заклучена и зошто ќе покаже истрагата“, вели Љупчо Лепидовски командир на Противпожарната единица Велес.

    Куќата на ова велешко семејство, се наоѓа во шума под ридот Вршник на тешко пристапен терен, поради што пожарникарите интервенирале со две помали возила. По нив набргу пристигнала и екипа од Итната медицинска служба.

    „Стигнавме во 16.10 часот. Пожарот беше толку голем, гореа греди од таванот и се беше во пламен. Таткото се обидуваше да влезе, но не можеше поради опасноста по него. Откако пожарникарите го локализираа огнот во куќата пронајдовме три јагленосани тела на деца, две девојчиња на едно и пет години и едно машко на две години. Сите беа во различни делови од куќата“, рече д-р Тања Сарагинов доктор од Итната помош.

    Соседите кои од куќата на ова семејство се оддалечени околу стотина метри велат дека семејството се прехранувало со собирање отпад и пластика. Во куќата нема ниту струја, ниту вода.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира