ТРИТЕ ДРЖАВНИ БАРОКНИ ЗГРАДИ КАЈ ХОТЕЛ „БРИСТОЛ“ ВО СКОПЈЕ ЗА КОИ СЕ УНИШТИ ЗЕЛЕНИЛО СЀ УШТЕ НЕМААТ УПОТРЕБНА ДОЗВОЛА И ИМОТЕН ЛИСТ

    ТРИТЕ ДРЖАВНИ БАРОКНИ ЗГРАДИ КАЈ ХОТЕЛ „БРИСТОЛ“ ВО СКОПЈЕ ЗА КОИ СЕ УНИШТИ ЗЕЛЕНИЛО СЀ УШТЕ НЕМААТ УПОТРЕБНА ДОЗВОЛА И ИМОТЕН ЛИСТСтанува збор за зградата на ЕСМ, палатата Панко Брашнаров и палатата Лазар Поп Трајков, кои вкупно чинат 36,7 милиони евра. (Фото: К.Попов)

    Трите барокни згради на улица Македонија во центарот на Скопје, кај хотел „Бристол“ за кои се сечеше зеленило и се уништуваа паркови сè уште немаат употребна дозвола. Станува збор за зградата на ЕСМ, палатата Панко Брашнаров и палатата Лазар Поп Трајков. Трите згради се дел од проектот „Скопје 2014“ вкупно чинат 36,7 милиони евра, а немаат имотен лист бидејќи не можат да добијат употребна дозвола поради неправилности во градба.

    Во палатата Панко Брашнаров која се дигна во мини паркот кај хотелот „Бристол“ се сместени Агенцијата за млади и спорт и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги. Нејзината изградба чини 4,6 милиони евра, а објектот има низа недостатоци поради неквалитетна градба, односно протекува, оштетени се делови и постојано се расипуваат лифтовите.

    Во палатата Лазар Поп Трајков која чини 14,6 милиони евра и се наоѓа на ќошот на улиците Даме Груев и Македонија се сместени Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија, Регулаторната комисија за енергетика, Македонска навигација (М-НАВ). Вработените во овие институции велат дека од самото вселување во 2017 година немаат нормални услови за работа, подрумот се полни со вода, во голем дел од канцелариите има дупки во таванот и протекува вода, плочки се одлепуваа и паѓаат, канцеларии се изведени без прозори.

    Дупки на таванот има во повеќе канцеларии во зградата на Регулаторна комисија за енергетика. (Фото: СДК.МК)

    „Сите институции кои се влезени во зградата се вселени на диво. Регулаторната комисија за енергетика бидејќи работеше во зградата на ‘Пелагонија‘ која се реновираше немаше избор каде да оди. Зградата нема употребна дозвола бидејќи нема соодветно сообраќјано решение односно требаше да се прави улица меѓу зградите. Во овој изминат период се трудиме да добиеме дозвола оти без имотен лист не можеме да вршиме никакви санации на овој објект“, вели Марко Бислимовски претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

    Од трите објекти единствено не е вселена зградата на ЕСМ спроти Музеј на Град Скопје. Од компанијата,  бидејќи имаат свои деловни простории во зградата на Плоштад Македонија не сакаат на диво да се преселат и чекаат објектот да добие употребна дозвола. Од минатото раководство во текот на градбата се правеле низа измени, а за тоа не се поднесувале барања за да добијат одобренија од Министерството за транспорт и врски.

    „Кога се градела зградата се терале измените без да се почитува законот. Им викале од Министерството за транспорт и врски – терајте, на крај ќе ги дадеме сите дозволи. Во зградата нема пристап ниту до подземниот паркинг“, велат од компанијата ЕСМ.

    За да се изградат овие три згради, мораше да се смени Деталниот урбанистички план со кој се овозможи сечење на дрвјата и уништување на целиот зелен појас во тој дел од градот. Дрвјата со асистенција на полиција се сечеа во 3 часот наутро.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира