Град Скопје ја реновираше улицата Никола Карев или Пластичарска во Скопје, но хаосот со паркирани возила на сите страни никако да се реши. Летово, покрај што беше поставен нов асфалт долж улицата, беа реконструирани и пешачките патеки, изведена велосипедска патека и засадено ново зеленило. Но, тротоарите наместо за пешаци и велосипедисти и понатаму се блокирани со возила кои слободно се паркираат. Освен на тротоарите коли стојат паркирани и долж улицата, зафаќајќи една коловозна лента. На терен нема ниту комунални инспектори од Град Скопје и Општина Чаир, ниту полиција да казнуваат.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека работат на решавање на овој проблем со изградба на паркинзи и катна гаража и дури откако тие ќе бидат завршени тротоарите ќе бидат ослободени од возила.
„Таму работите на подобрување на паркинг перформансите, со цел да го спречиме паркирањето на тротоарите. Столпчиња ќе ставивме откако ќе ги подобриме перформансите. Кога влегувате во реализација на такви проекти секогаш разговарате со заедницата. Договоривме дека ќе одиме парцијално и како ќе се решава паркинг просторот така ќе се ослободуваат тротоарите. Жално е што се дозволило развивање на толкав капацитет на локали, а од друга страна не се водела сметка за потребите на граѓаните. Една локација за паркинг работиме, постојат уште две други. Едната е на територија на Општина Центар на самиот влез на Пластичарска улица, а другата во Дуќанџик каде има државно земјиште за изградба на катна гаража. Со овие три паркинзи ќе се надмине проблемот со паркирањето, и тогаш ќе имаме и столпчиња долж улицата“, вели Шилегов.
Град Скопје минатиот месец почна со проширување во булавар на улицата Никола Карев на потегот од касарната Илинден до крстосницата кај Момин поток. Градежните работи според најавите треба да завршат летово.
А. АНТЕВСКА