Движењето на пешаците по улицата Питу Гули во населбата Водно е невозможно. Пешачките патеки се блокирани, па децата одат на училиште по улица, родителите ги шетаат децата со колички сред коловозот и секојдневно се случуваат сообраќајни несреќи, во кои има повредени пешаци.
Жителите на населбата велат дека нивните деца се небесзбедни кога одат на училиште во двете основни училишта во овој дел, „Киро Глигоров“ и „Кочо Рацин“.
„Тротоарите ги нема, а онаму каде што ги има се окупирани од нелегално паркирани возила, контејнери и ѓубре, градежни огради, дрвја и пенушки, странки и гости на амбасадите и резиденциите. Тротоар има за секого и сешто, освен за безбедно движење на децата. Населбата Водно е станата обиколница за оние кои бегаат од шпицот и камерите на ‘Безбеден град‘. Резултатот е уште поголема брзина и уште помала безбедност, пропратени од константна рамнодушност и имплицитен амин од институциите“, велат жителите на Водно кои испратија писмо и фотографии до нашата редакција.
Тие бараат сите надлежни, Министерството за внатрешни работи, Град Скопје и Општина Центар, да преземат соодветни мерки, во спротивно, велат ќе излезат на протести.
„Ги прашуваме МВР, Град Скопје и Општина Центар зошто нелегално паркирање е поважно од животот на децата? Зошто не се ослободат тротоарите за непречено движење? Зошто не постапуваат по законот и не ги користат механизмите кои се нивна должност? Зошто е одбиено сообраќајното решение за населбата Водно? Ако немањето ДУП е пречка, зошто сè уште нема ДУП? Зошто чекаме катастрофа за да се реагира? Бараме основни услови за безбедно движење на децата по тротоарите, отстранување на секакви пречки и нелегални објекти, столбови за заштита на тротоарот, обележани пешачки премини, лежечки полицајци и еднострано зонско паркирање, Доколку во рок од 7 дена нема конкретен писмен план за акција и почеток на подобрувањата на терен, ние, жителите на населбата Водно, ќе ја блокираме улицата Питу Гули. Да не чекаме некое дете да настрада“, велат жителите на Водно.
Од Општина Центар не добивме одговор на нашите прашања дали ќе се преземат мерки за решавање на хаосот на Водно и зошто досега ништо не е направено за решавање на овој проблем.
А. АНТЕВСКА



