ТРСКАТА ШТО ЈА ПОПЛАВУВАШЕ ПЕЛАГОНИЈА ЌЕ СЕ КОРИСТИ ЗА ЗАГРЕВАЊЕ ГРАДИНКА И УЧИЛИШТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА

    ТРСКАТА ШТО ЈА ПОПЛАВУВАШЕ ПЕЛАГОНИЈА ЌЕ СЕ КОРИСТИ ЗА ЗАГРЕВАЊЕ ГРАДИНКА И УЧИЛИШТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈАСо ваквата биомаса ќе се загрева градинката во Новаци и училиштето во село Лехово, Општина Аминдео (Фото: СДК.МК)

    Трската и другата нискостеблеста вегетација од каналската мрежа и речните корита што до неодамна предизвикуваше поплави во Пелагониско, во иднина ќе се користат како биомаса за загревање општински објекти во Новаци од македонска страна и Аминдео од грчка страна. Двете општини соработуваат во проектот „Менаџирање со агро отпадот за загревање во руралните средини“ поддржан од Интерег програмата за меѓугранична соработка. Со ваквата биомаса ќе се загрева градинката во Новаци и училиштето во село Лехово, Општина Аминдео.

    Ќе се чистат каналите кои пред три години предизвикаа поплави (Фото: СДК.МК)

    „Во прва фаза ќе набавиме трактор со приколица, втора фаза приклучни работи за тракторот и трета фаза котелот за парно греење. Со овој проект ние ќе треба да ги чистиме сите канали, а таа биомаса ќе обезбеди гориво за градинката. Со тоа ќе се чистат каналите кои пред три години предизвикаа поплави, па ќе имаме двојна корист“, рече градоначаникот на Новаци Љубе Кузманоски.

    Општина Новаци за овој прокет ќе добие 216.000 евра, од кои 15 проценти ги кофинансира. Партнерите од Грција велат дека ќе црпат искуства и од сличен проект што се применува во селото на Дедо Мраз во Финска.

    „Минатата недела бев во селото на Дедо Мраз во Финска, конкретно дискутиравме како да ги искористиме нивниот земјоделски отпад за загревање простории. Заинтересирани сме да го пренесеме тоа искуство на локалните актери и тие да заклучат што е поинтересно за нив и како ќе се одвиваат работите во регионот“, рече Јанис Калас, директор на кластерот за биоенергија и енергетика на Западна Македонија во Кожани, Грција.

    Физибилити студијата што ќе се изработи во следниот период ќе утврди колкави ресурси на биомаса има во Пелагонискиот Регион.

    „Се претпоставува дека има околу 70 километарска каналска и речна мрежа, а ако лево и десно по 5 метри имаме отпад односно трска и други видови на нискостеблести растенија што неконтролирано растат, доаѓаме до 70 хектари, тоа пресметано во биомаса доаѓа неколку тони. Со тоа ќе се чистат каналите и земјоделскиот отпад, оти земјоделците не ретко знаат да го палат и претставува опасност од ширење на пожари, загадување на животната средина, а знаеме и дека јавните згради за затоплување ги користат фосилните горива кои исто така предизвикуваат загадување“, рече Златко Сирета од Агенцијата за поттикнување на равојот на земјоделството.

    Сличен пример на загревање на училишни простории со биомаса има во соседната Општина Могила каде се користи слама, но ова во Македонија ќе биде првпат да се добива топлинска енергија од трска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира