ЦЕЛА БОЕМСКА УЛИЦА ИЗГРАДЕНА ЗА 1,1 МИЛИОНИ ЕВРА Е КАФЕАНА, ЗА ПЕШАЦИТЕ НЕМА МЕСТО

    ЦЕЛА БОЕМСКА УЛИЦА ИЗГРАДЕНА ЗА 1,1 МИЛИОНИ ЕВРА Е КАФЕАНА, ЗА ПЕШАЦИТЕ НЕМА МЕСТОМасите и столиците на кафеаните во првиот дел на Боемска улица се распослани од двете страни на улицата и меѓу нив има само еден метар простор за движење на пешаците, а иста е состојбата и во Боемска 2. (Фото: СДК.МК)

    Боемската улица во скопско Дебар Маало чија изградба чинеше 1.1 милион евра е претворена во кафеана. Масите и столиците на кафеаните се распослани од двете страни на улицата и меѓу нив има само еден метар простор за движење на пешаците. Кафеанџиите вадат маси и столици постојано како што им доаѓаат гости и ги поставуваат кај ќе стигнат, без никаков ред. Зафаќаат двојно повеќе простор од предвидениот дел за летни тераси, односно не само што имаат маси и столици на плочките до каде што треба да им бидат терасите, туку се проширени и на коцката која требаше да биде простор за пешаци.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ пред еден месец најави дека ќе се казнуваат и отстрануваат сите нелегално поставени тераси, но ситуацијата на терен е иста (Фото: СДК.МК)

    Првиот дел на Боемска, улицата Ѓорѓи Пешков, ја правеше поранешниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски, чинеше околу 400.000 евра и беше пуштена во употреба во 2014 година. Тогаш Жерновски рече дека оваа улица ќе биде налик Скадарлија во Белград и покрај кафеаните, ќе биде пешачка улица и место за прошетка на граѓаните. Вториот дел, изграден исто во мандатот на Жерновски беше пуштен во 2016 година и чини 700.000 евра.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ пред еден месец најави дека ќе се казнуваат и отстрануваат сите нелегално поставени тераси. Богдановиќ вели дека веќе се донесени решенија за уривање и од наредната недела кога ќе почне бележењето конечно ќе се стави крај на узурпирањето на јавен простор од кафеанџиите.

    „Секој ден инспекторите се на терен. За дел е донесено решение за отстранување на терасите, на дел се пишани казни. Од наредната недела, согласно правилникот на Град Скопје, ќе почнеме со цртање линии до каде може да се поставуваат масите и столиците“, вели Богдановиќ.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов пред две недели најави дека ќе поставува ред со летните тераси низ градот оти кафеанџиите буквално ги окупираат целите пешачки патеки и граѓаните нема кај да минуваат. Шилегов рече дека со боја ќе се бележат јавните површини до каде може кафеанџиите да поставуваат маси и столици. Според одлуката на Градот, на јавните површини на кои ќе се поставуваат маси и столици ќе мора да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.

    Од кабинетот на градоначалникот Шилегов не најавуваат конкретен датум, но тврдат дека многу брзо ќе почне да се бележат летните тераси и на тој начин нема да се узурпираат пешачките патеки и да се поставуваат маси и столици без ред.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира