Во Студенчишко Блато, заштитено како природно наследство во Охридскиот Регион, цела година непречено на диво се градат згради. Во септември 2023, по серија иницијативи за инспекциски надзор, наместо да бидат отстранети двете дивоградби се завршени, со основа за понатамошен урбан развој. Во јули годинава, пет дивоградби се завршени, две се во изградба, со основа за понатамошна урбанизација.
Од Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42, кое го поднесе случајот и на платформата Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК, велат дека корупција и организиран криминал го уништува заштитеното светско природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
„Фронт 21/42 работи на зачувување на Охридскиот Регион полни десет години и немаме никакво сомневање дека единственото светско природно и културно наследство во земјава е жртва на невладеење на правото. Нашиот последен случај многу точно го илустрира уништувањето на вредностите благодарение на неспроведувањето и кршењето на законите токму од страна на институциите чија основна должност е истите да ги спроведуваат. Минатата година увидовме незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, додека за истото важеше, и сѐ уште важи, Решение за привремена заштита“, велат од Фронт 21/42.
Оттаму испратиле инцијативи за инспекциски надзор до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и до Општинскиот градежен инспектор, кои прераснале во шестмесечна комуникација со сите релевантни иснпекциски служби – ДИЖС, Инспекциски совет, Државен управен инспекторат, Државен градежен инспекторат и локални инспектори при Општина Охрид. Исходот од сето тоа бил, како што велат, непречен развој на нов урбан комплекс во рамки на блатото.
„Ниту еден инспектор од сите надлежни инспекторати не ги спроведе доследно законските обврски. Од седум постапки на шест државни и два локални инспектори, за флагрантно кршење на повеќе релевантни закони и серија на кривични дела, само за еден надзор се изготвија решенија“, велат од Фронт 21/42.
Од здружението дека земјиштето на кое се развива овој незаконски урбан комплекс е приватизирано противзаконски, како градежно земјиште во државна сопственост, додека во реалноста сѐ уште е земјоделско земјиште.
За случајот со дивоградбите и незаконски приватизираните парцели во Студенчишко Блато од Фронт 21/42 се поднесени пријави до Основното јавно обвинителство за организиран криминал, Државната комисија за спречување на корупција, кривични пријави против поединечни лица и известување до Инспекцискиот совет, но реакција нема.
Минатата недела Центарот за светско наследство го објави Извештајот на мисијата на УНЕСКО од 2024 година. Експертите по третпат заклучуваат дека Охридскиот Регион ги исполнува критериумите за светско наследство во опасност, додавајќи дека несоодветните интервенции, урбанизацијата, неадекватното просторно планирање, инфраструктурните проекти, итн. нанесуваат неповратна штета поради што Охридскиот Регион може да ја изгуби Исклучителната универзална вредност во краток до среден временски период.
Постојниот комитет на Бернската конвенција денес во Стразбург го разгледуваше спроведувањето на препораките за отворениот случај за заканите врз Охридското Езеро и Националиот парк „Галичица“. Од Фронт 21/42 велат дека не само што државата во изминатата година не спроведе ниту една од 15 препораки, туку за 4 состојбата е уште полоша.
С. ВРЕНЦОВСКА