Земјоделците од Струмичкиот регион со трактори и земјоделска механизација го блокираа центарот на Струмица и повторно ги испорачаа барањата за повисоки откупни цени на пиперката-ајварка наменета за конзервно-преработувачките капацитети. Чекаат конкретни резултати од министерот за земјоделство Борче Серафимовски, со кого вчера имаа средба во Струмица.
Како што кажаа, министерот изразил подготвеност да излезе во пресрет на барањата на земјоделците, но ќе мора да седне на маса и со претставници на конзервно-преработувачките капацитети, кои се одговорни за цената од 25 денари за килограм.
„Вчера министерот ни вети дека ќе издејствува повисока откупна цена. Доколку не добиеме прифатлива цена, со која ќе ги покриеме производствените трошоци, ние од вторник повторно излегуваме на протести и блокади“, кажа Александар Грозданов, претставник од здружението „Млади Муртино“.
- СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ВТОР ДЕН ПРОТЕСТИРАА, ОСВЕН ПОВИСОКИ ОТКУПНИ ЦЕНИ ПОБАРАА И ИСПЛАТА НА ЛАНСКИТЕ СУБВЕНЦИИ ЗА АЈВАРКАТА
- ПОНИЖУВАЧКА E ОТКУПНАТА ЦЕНА ОД 25 ДЕНАРИ ЗА ПИПЕРКАТА-АЈВАРКА, ВЕЛАТ СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ И НАЈАВИЈА БЛОКАДИ НА ПАТИШТА
Земјоделците трет ден протестираат и организираат блокади. За нив е несфатливо како лани мешаната прва и втора класа пиперки, која оди за фабриките, се откупувала за 35 и 40 денари, а годинава за 25 денари.
„Нема да дозволиме да си играт со нашата мака. Јас годинава очекувам род од околу 150 тони. Цело семејство рмбаме, и жена и деца. Постојано сме на нива и сега некој за џабе да ни го земе родот. Вака не се развива земјоделството. Вака нема да ги задржиме младите на нивите“, кажа Киро Костов, земјоделец од Робово.
Вчера министерот за земјоделство Борче Серафимовски имаше средба со откупувачите и производителите, каде ги слушна нивните барања и ставови. Кажа дека цените се резултат на пазарната економија, но како Министерство ќе застане зад барањата на земјоделците. Паралелно соопшти дека деновиве ќе има средба и со претставници на конзервно-преработувачките капацитети и дека ќе бидат засилени контролите од Државниот земјоделски инспекторат.
В.ТРАЈКОВ



