ТУНЕЛИТЕ ПОД КАЛЕ ЌЕ БИДАТ НОВО „СКОПЈЕ 2014“, ДА СЕ СТОПИРА ПРОЕКТОТ ПОБАРА „ВО ОДБРАНА НА ДЕБАР МААЛО“ ОД ШИЛЕГОВ

    ТУНЕЛИТЕ ПОД КАЛЕ ЌЕ БИДАТ НОВО „СКОПЈЕ 2014“, ДА СЕ СТОПИРА ПРОЕКТОТ ПОБАРА „ВО ОДБРАНА НА ДЕБАР МААЛО“ ОД ШИЛЕГОВГрадоначалникот Шилегов на 24 септември лани ја најави реализацијата на проектот тунели под Кале (Фото: Град Скопје)

    Стопирање на постапката за изградба на тунел под Кале и вијадукт кај Владата, зашто со овој проект ќе се постават темелите за ново „Скопје 2014“, побара Здружението Во одбрана на Дебар Маало од скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Здружението соопшти дека на средбата со Шилегов му укажале оти со капиталниот проект за изградба на вијадукт и тунел под Кале ќе се пробие градски автопат низ срцето на Центар спротивно на современите тенденции за организирање на градскиот простор, тоа ќе го задави Скопје, енормно ќе се зголеми урбаниот хаос и загадувањето во градот што е на врвот од листата на најзагадени градови во Европа и светот, ќе се уништи јавното добро и квалитетот на живот на жителите.

    Од иницијативата Во одбрана на Дебар Маало велат дека му укажале на градоначалникот Шилегов оти актуелизира решение старо половина век. Тие побарале да се стопираат распишаните тендери за изготвување на проектната документација и да се отвори јавна и транспарентна расправа со работилници во што ќе бидат вклучени и граѓаните и стручната јавност, а не само одбрани поборници на застарен пристап кон градот. Побарале и ажурирање на податоците врз кои се базира решението за спојување на северот и југот на Скопје со автопат низ самиот центар.

    „Сметаме дека градот треба да им припаѓа на луѓето, а не на автомобилите. Автоцентричниот пристап не само што е застарен, туку е и погубен за здравјето на луѓето“, велат од Здружението за средбата со Шилегов, што се одржа на 4 септември во просториите на Град Скопје.

    На 12 јуни, градоначалникот Шилегов потпиша договор со турската фирма „Мега инженеринг консалтинг АД“ и Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии од Скопје за проектирање на сообраќајницата, мостот преку Вардар и тунелите под Кале. Според постигната цена на тендерот, проектот ќе биде изработен за 390.000 евра, а треба да биде готов за 6 месеци. Покрај турските проектанти, на новата сообраќајница ќе работи Борис Танески од Заводот за испитување на материјали, кој ги проектирал булеварите Илинденска и Климент Охридски. Тој тогаш кажа дека Оваа сообраќајница е зацртана во Генералниот урбанистички план уште во 1964.

    Изградбата на тунелите под Кале би чинела околу 30 милиони евра за што Град Скопје ќе бара помош од Владата. Како што беше презентирано, сообраќајницата ќе почнува од булеварот Свети Климент Охридски и ќе биде издигната на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар кој ќе биде долг 173 метри, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри сè до влезот во тунелот под Калето. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри, над Пластичарска улица.

    Во одбрана на Дебар Маало реагира и против сообраќајното решение за дел од Голем Ринг на Град Скопје предвидено со ГУП од 2012 и ново проширување на булевари во центарот на градот. Од иницијативата бараат итно запирање на постапката за реализација, почнување на нова процедура за партиципативно изнаоѓање решенија и идеите за ново проширување на булевари во Мал и Голем Ринг, да се вратат дрворедите и создадат нови пешачки зони. Тие поддржуваат решенија за градскиот простор со кое животот на сите жители ќе биде подостоен, поздрав и побезбеден, но тврдат дека проектот во изработка за мост и тунели под Калето не се одговорот.

    „Јавноста не е запознаена со финансиската и општествената полезност на проектот и Градот не овозможил учество на сите засегнати страни во одлуката за тоа како ќе се користи градскиот простор во контакт зоната на оваа голема сообраќајна траса, односно какво влијание ќе има проектот врз квалитетот на социјалниот јавен градски простор долж целиот предвиден коридор. Слични пракса се причина за хаосот во Дебар Маало и реализацијата на ‘Скопје 2014’. Се поставува и прашањето дали токму сега се актуелизира градењето на тунел и вијадукт поради можноста на овој начин да се опслужи контроверзниот проект ‘Лимак’ кај Старата железничка станица и предвидените градежни активности на територијата на поранешниот Скопски саем“, велат од иницијативата во Одбрана на Дебар Маало.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари