ТУРИСТИЧКИОТ СЕКТОР И ОПШТИНАТА ЗАЕДНИЧКИ ЌЕ БАРААТ ОХРИД ДА СЕ ИЗЗЕМЕ ОД ЗАКОНОТ ЗА НЕДЕЛА НЕРАБОТЕН ДЕН

    ТУРИСТИЧКИОТ СЕКТОР И ОПШТИНАТА ЗАЕДНИЧКИ ЌЕ БАРААТ ОХРИД ДА СЕ ИЗЗЕМЕ ОД ЗАКОНОТ ЗА НЕДЕЛА НЕРАБОТЕН ДЕНАко им се дозволи да работат во недела, охридските дуќанџии се подготвени се плаќаат двојно повисоки дневници на вработените. (Фото: СДК.МК)

    Со затворени туристички агенции, продавници, занаетчии во недела трпи и туризмот и локалната економија во Охрид, велат охридските дуќанџии. Сметаат дека работодавачите нема да бидат во можност да ги платат своите вработени оти градот е најпосетен од туристи токму во недела. Ако не се направат дополнителни измени во Законот недела неработен ден последиците ќе бидат негативни и далекусежни.

    Ако им се дозволи да работат во недела, охридските дуќанџии велат дека се подготвени се плаќаат двојно повисоки дневници на вработените.

    Охридските дуќанџии денеска побараа поддршка од Општината и заедно со Здружение на туристички водичи, Хотелската асоцијација (ХОТАМ), Здружението на угостители и Регионалната занаетчиска комора ќе бараат Охрид да биде изземен од овој Закон.  Градоначалникот Кирил Пецаков рече дека треба да бидат задоволни и туристите, но и оние кои се даватели на услуги во туризмот.

    „Охрид преку цела година е посетуван град во недела и од странски и од домашни туристи. Верувам дека со заеднички напори ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение“, рече Пецаков.

    Едно од решенијата би било во туристичките центри од 1 мај до 1 октомври да се воведе работа во неделите и празниците како продолжен викенд.

    „Во време за празници и викеднди кога од цела држава има туристи чаршријата е затворена. Сега туристите заминуваат во соседна Албанија“, велат од Здружението на трговци „Чаршиски еснаф“ од Охрид.

    Маја Бакалова смета дека се руши имиџот на градот оти туристите не можеле да купат ниту охридски бисер.

    „Ако не може туристот ни охридски бисер да купи во Охрид, тогаш како ќе се развива туризмот. Имиџот на градот е паднат и се руши се тоа што се градело со години“, вели Бакалова.

    „Дојдовме до ситуација во недела да се радуваме на кучињата скитници кои се најбројни низ охридската чаршија. Не знаеме дали донесувањето на законот е избрзано без да се помисли на Охрид или од луѓе кои воопшто не биле во Охрид. Сите тури за 8 Март се откажуваат кога ќе разберат дека ништо не работи. Гостите не можат три дена во кафана да поминат. Тотален колапс за нас, намалување на работните ссати на вработените, вишок на вработени. Охрид отсекогаш работел и празници и недели. Овај закон ја сроза охридската чаршија“, вели Соња Јосифоска, сопственичка на дуќан во Охрид.

    Од Здружението на туристички водичи кажаа дека и тие се директно засегнати од Законот оти биле дел од туристичкиот систем, а Охрид како најголемо и најзначајно туристичко место во државава трпи големи загуби.

    „Од понеделник до сабота да работите, а во недела да одмарате тоа никаде го нема, ниту во една туристичка дестинација. Со тоа трпи и охридскиот и македонскиот туристички производ. Повеќе не може да се нарече комплексен, не може да се нарече целосен, веќе се извртоперува и се разјадува јадрото на нашиот туристички производ кој е составен од плејада на различни услуги и различни чинители кој го градат тој систем“, вели Климент Наумов, претседател на Здружението на туристички водичи.

    Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ, вели дека за врема на викендите се прави најголемиот обрт во туризмот, а тоа е потребно за да се обезбеди достоинствена плата за вработените во туристичкиот сектор.

    „Ние затвораме во недела и не му даваме право на било кој од овие гранки да работи во недела со што би направиле поголем обрт за да плаќаме плата, не само минимална од 18.000 денари туку и поголеми“, вели Блажески.

    Од Здружението на угостители дадоа поддршка за иницијативата за дополнување на Законот, оти според нив недела е ден кога Охрид е посетен од туристи како домашни така и странски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира