Турската фирма „Мега инжинеринг“ и Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии ќе ги проектираат тунелите под Кале. Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека на јавниот оглас за изработка на проект на сообраќајницата која треба да минува под тврдината Кале избрана е фирма и до крајот на годинава проектот ќе биде готов.
Откако првиот тендер пропадна поради недостатоци во тендерската документација, во вториот обид понуди доставиле три фирми, а за најповолна е избрана онаа на турско-македонскиот конзорциум. Според постигната цена на тендерот, проектот ќе биде изработен за 390.000 евра, а треба да биде готов за 6 месеци.
„Постапката е завршена, ги чекаме роковите за евентуална жалба и за десетина дена ќе можеме да го потпишеме договорот. Со гордост можам да кажам дека Град Скопје годинава ќе добие проект за тунелите под Кале, нешто што постои во Генералниот урбанистички план уште од 1965 година, но за жал никој во минатото немал изработено ваков документ. Убеден сум дека во текот на идната година, а со оглед на ветувањата од Владата за финансирање на проектот, ќе ја извршиме постапка за избор на изведувач кој ќе ја гради оваа капитална сообраќајница во Скопје“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Градоначалникот Шилегов лани во септември на прес-конференција го најави почетокот на реализацијата на проектот тунели под Кале и нов мост преку реката Вардар, за поврзување на северната страна со центарот на градот.
Како што беше презентирано, сообраќајницата ќе почнува од булеварот Свети Климент Охридски и ќе биде издигната на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар кој ќе биде долг 173 метри, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри сè до влезот во тунелот под Калето. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри, над Пластичарска улица. Според проценките на Градот, изградбата на сообраќајницата и тунелите под Кале ќе чини околу 25 милиони евра.
А. АНТЕВСКА