ТВРДИНАТА ЦАРЕВИ КУЛИ ВО СТРУМИЦА ЌЕ ДОБИЕ НОВИ БЕДЕМИ И ЌЕ СЕ ПОВРЗЕ СО ГРАДОТ СО НОВА ПАТЕКА

    ТВРДИНАТА ЦАРЕВИ КУЛИ ВО СТРУМИЦА ЌЕ ДОБИЕ НОВИ БЕДЕМИ И ЌЕ СЕ ПОВРЗЕ СО ГРАДОТ СО НОВА ПАТЕКАПатеката и скалите со канделабри во должина од 400 метри ќе се протегаат од Ловен дом до северната кула (Фото: СДК.МК)

    За поттикнување на алтернативниот туризам, Општина Струмица со пари од ЕУ ќе подига нови бедеми на тврдината Цареви Кули, која ќе добие и директна скалеста патека од градот, а целата тврдина и патеката во должина од околу 400 метри ќе бидат осветелени. Станува збор за активности со кои треба да се подобри пристапноста до тврдината за поголема посетеност на овој културно-историски локалитет и белег на Струмица, богат со археолошки наоѓалишта. Целиот проект тежи околу 650.000 евра, обезбедени од ЕУ и Владата, а го администрира Светска банка преку Проектот за локална и регионална конкурентност.

    „Тоа е проект кој содржи повеќе компоненти, реконструкција и реставрација на бедемите на тврдината. Најмногу ќе се работи на северните бедеми и кули, односно сегментот кој најмногу ќе се визуелизира од градот, но ќе има интервенции и на Јужниот портал и на бедемите од западната и источната страна. Паралелно ќе се работи и на пристапноста. Ќе се изгради патека со скали од Ловен дом до тврдината, која ќе биде оградена и осветелена“,  рече градоначалникот Јаневски.

    Вредноста на целиот проект е околу 650.000 евра (Фото: СДК.МК)

    Паралелно ќе се проширува и уредува трим патеката која се наоѓа во подножјето на тврдината од Ловен дом до манастирот Св. Илија во должина од два километра и ќе се гради пешачко-велосипедска патека од 1.050 метри од манастирот Св. Илија до обиколниот пат што води до тврдината.

    „Тврдината Цареви Кули отсекогаш предизвикувала интерес бидејќи таму е целата историја на градот. Секако, таму има археолошки наоѓалишта кои сведочат за развојот на Струмица, но до тврдината се стасуваше единствено по обиколниот пат. Во иднина очекувам поголема посетеност на тврдината“, вели градоначалникот Јаневски.

    На локалитетот Цареви Кули пред шест години се подигнаа бедеми од околу 13 метри околу јужната и северната страна, а беа реконструирани и југозападната и северната кула.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари