Ученик од основното училиште „Стив Наумов“ во Битола на социјални мрежи објавил вознемирувачки пораки за соучениците и нивните родители. Родителите на учениците испратиле преставка до Државниот просветен инспекторат, а училиштето го пријавило случајот во Центарот за социјални работи, СВР Битола и Подрачното одделение за образование.
Од „Стив Наумов“ раскажуваат дека целиот настан се случил надвор од училиштето. Ученикот пред извесен период бил префрлен од едно во друго одделение со цел подобро вклопување во училишната средина. Сепак, настанале несогласувања со новите соученици, на што реагирале нивните родители. По ова, тој објавил недолични и заканувачки пораки на социјалните мрежи. За настанот вчера бил одржан и родителски состанок, на кој родителите на другите деца побарале ученикот да биде преместен од одделението. По состанокот, на социјалните мрежи се појавиле нови пораки од сосема други лица со прогнози за одредени вознемирувачки настани, што внело паника меѓу родителите кои имаат ученици во „Стив Наумов“.
„Во врска со настанот поврзан со ученик од нашето училиште, кој преку социјални мрежи објавувал недолични и заканувачки пораки за неговите соученици и нивните родители, веднаш постапивме согласно законските надлежности. Иако содржините не биле објавувани во рамките на училиштето, ниту за време на наставниот процес, случајот го пријавивме до надлежните институции за целосно да се испита“, рече директорот Никола Пискачев.
Тој додаде дека училиштето презеде соодветни мерки за обезбедување безбедна и сигурна средина за сите ученици и вработени.
Настанот се случува кога во тек се уписите за прво одделение, а ова е едно од училиштата со најголем број првачиња во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



