УЧЕНИЦИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД НЕПРОШТЕНО 22 ГОДИНИ УЧАТ ВО ШКОЛО НАПРАВЕНО ОД КОНТЕЈНЕРИ

    УЧЕНИЦИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД НЕПРОШТЕНО 22 ГОДИНИ УЧАТ ВО ШКОЛО НАПРАВЕНО ОД КОНТЕЈНЕРИОд Општина Теарце велат дека нема потреба да се прави нов објект и бараат 12-те ученици да се вратат во училишната зграда каде сега учат околу 110 ученици на албански јазик. (Фото: СДК.МК)

    Веќе 22 години, учениците од прво до петто одделение од тетовското село Непроштено кои наставата ја следат на македонски јазик, учат во импровизиран објект направен од бродски контејнери. Тука се префрлиле во конфликтната 2001 година, бидејќи во училиштето „Екрем Ќабај“, каде дотогаш оделе, зачестиле инциденти на национална основа со што била загрозена безбедноста на учениците. Во оваа учебна година тука учат вкупно 12 ученици.

    Состојбата и надвор од овој објект е исто така крајно лоша, висат искинати кабли, насекаде има расфрлано лимени парчиња. (Фото: СДК.МК)

    Тие тогаш се префрлиле во македонскиот дел од селото за што набрзина им биле поставени овие контејнери како времени училници. И наместо ова да биде времено решение, како што тогаш им рекле, во овој крајно неадекватен простор за следење на настават тие останале 22 години. Со години, жителите на Непроштено бараат да им се изгради училиште, но нивните апели не наишле на разбирање ниту од централната, ниту на локалната власт.

    Дворот е полн со дупки, учениците немаат ниту тоалет, па мораат да одат зад објектот. (Фото: СДК.МК)

    „Кое време е сега деца да учат во контејнери? Се знае што се складира во контејнери. Моето внуче учи таму. Им студи на зима, тоа не е просторија, не е како во училиште. Ние бараме да се направат барем две простории од цврст материјал, да биде затворено за да можат учениците да учат во соодветни услови. Апелирам до Министерството за образование некој да дојде и да види под какви услови учат нашите деца Македонци. Треба и градоначалникот на Теарце да дојде да види“, револтирано зборува Вељо Томовски, жител на Непроштено.

    Наставниците од школото не дозволија да се влезе внатре, најверојатно и самите се срамат од условите во кои работат, но состојбата и надвор од овој објект е исто така крајно лоша. Висат искинати кабли, насекаде има расфрлано лимени парчиња, а дворот е полн со дупки. Учениците немаат ниту тоалет, па мораат да одат зад објектот. Има игралиште и кош за кошарка, но таблата е искршена, а бетонската подлога е полна со тиња и песок.

    Има игралиште и кош за кошарка, но таблата е искршена, а бетонската подлога е полна со тиња и песок. (Фото: СДК.МК)

    Пред десетина години, од тогашниот министер за образование Абдулаќим Адеми им било ветено дека ќе им се изгради објект од околу 80 метри квадратни, а локалната власт требало само да го постави бетонскиот фундамент, но ништо не испаднало од тоа.

    „Министерството за образование и наука (МОН ) инвестира во училишни објекти врз основа на доставени барања од страна на локалните самоуправи, проценка на реалните потреби и врз основа на чиста документација. Досега вакво нешто не е доставено, но доколку Општина Теарце достави до МОН соодветно барање и урбанистичко-планска документација, ќе пристапиме кон разгледување и одлучување за понатамошно постапување, односно внесување на проектот во некоја од следните инвестициски програми“, велат од МОН.

    Од Општина Теарце велат дека нема потреба да се прави нов објект. Од таму бараат учениците да се вратат во училишната зграда каде сега учат околу 110 ученици на албански јазик.

    „Дали има можност да се изгради еден нов објект за овие 12 ученици? Одговорот е разбирлив, зашто за жал, не постојат финансиски можности. Исто така, имајќи во предвид малиот број на ученици, нашиот предлог е овие 12 ученици да се приклучат и да учат заедно со 110 ученици кои наставата ја следат на албански јазик каде има добри просторни услови“, ни изјавија од Општина Теарце.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира