УЧИЛИШТАТА ВО БИТОЛА ДОЛЖАТ 700.000 ЕВРА, ВО ТОАЛЕТИТЕ НЕМА САПУН И ХАРТИЈА, РЕКОА СОВЕТНИЦИТЕ ОД ОПОЗИЦИЈАТА

    УЧИЛИШТАТА ВО БИТОЛА ДОЛЖАТ 700.000 ЕВРА, ВО ТОАЛЕТИТЕ НЕМА САПУН И ХАРТИЈА, РЕКОА СОВЕТНИЦИТЕ ОД ОПОЗИЦИЈАТАПретседателот на Советот Бојан Бојкоски истакна дека се вложуваат 2,5 милиони евра за нови спортски терени-училиштето во Горно Оризари.(Фото: СДК.МК)

    Мнозинството во битолскиот Совет предвиодено од ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа завршните сметки на 12-те основни училишта по два и полчасовна дискусија од страна на другите советници, кои рекоа дека школите должат 45 милиони денари (над 700.000 евра) за струја, нафта, превоз и други комунални услуги. Советниците од мнозинството изјавија дека работат домаќински и градат спортски терени во училиштата, а опозицијата бара влакно во јајцето. Од опозицијата возвратија дека загубата не е нормално работење, не е влакно во јајцето , туку греда во окото.

    „Не смееме да дозволиме да имаме преубав спортски терен, а кога ќе влезат во тоалетот, децата да немаат сапун да си измијат раце. Тоалетна хартија е наградна игра да начекаш во некое основно училиште, има валкани, запуштени тоалети. Гледате што се случува, од списоци за убиства до педофили вработени, секој ден си го оцрнуваме образованието“, рече советникот од ЛДП, Димитар Кузмановски.

    Советничката Софија Ристевска-Петрушева од СДСМ рече дека Министерството за образование и наука ги плаќа платите на вработените во училиштата, па најмалку што би требало да направи Општината е редовно да се грижи за расходите на школите и да не дозволува да се акумулира толкав долг.

    Снежана Василевска од „Поинаку“ рече дека Општината снима колку ни е убав градот, но дронот не снима кога родителите даваат пари за учениците да си купат сапун на училиште. Иван Чулакоски од „Поинаку“ рече дека училиштето „Коле Канински“ должи 11 милиони денари (над 178 илјади евра), а се градат нужници од 125.000 евра.

    Советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Наташа Марковска, изјави дека се градат спортски терени, додека претходно некој ги имаше оставено учениците да играат на кал и руиниран асфалт.

    „Да ги гледаме видливите работи, а не да бараме влакно во јајцето. Некој креира нереални бројки со стари долгови“, рече Марковска.

    Претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, истакна дека се вложуваат 2,5 милиони евра за нови спортски терени, кои кога ќе бидат остворени, сите ќе ги поканат да ја сечат лентата.

    „Во 10 училишта започнато е да се градат 24 спортски терени. Во моментов се работи во ‘Климент Охридски’, ‘Даме Грув’ и вчера се постави првиот слој од тартан подлогата во ‘Тодор Ангелевски’ во Горно Оризари. Ќе се започне со реализација и во ‘Гоце Делчев’, каде наместо паркираните воизла, сега ќе има модерни спортски игралишта. Ќе има нови спортски сали во Долно Оризари, ’Тодор Ангелевски’, ‘Стив Наумов’ и во Бистрица. Сите инвестиции, енергетски фасади, фотоволтаични центрли и реконструкции, се повеќе од 6 милиони евра“, рече Бојкоски.

    За тоалетите кои се градат во училиштето „Коле Канински“ посочи дека износот е повисок оти се работи за 54 вециња.

    Ова не е првпат битолските училишта да се соочуваат со долгови. Кога во 2017 година за градоначалник дојде Наташа Петровска од СДСМ, основните и средните училишта во градот должеа 4,3 милиони евра, а 12 од нив беа со блокрани сметки. Со помош на Владата долговите беа платени, а училиштата одблокирани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира