УЧИЛИШТАТА ВО БИТОЛА НАМЕРНО ОСТАВЕНИ ДА ТОНАТ ВО ДОЛГОВИ, ДИРЕКТОРИТЕ МОЛЧЕА

    УЧИЛИШТАТА ВО БИТОЛА НАМЕРНО ОСТАВЕНИ ДА ТОНАТ ВО ДОЛГОВИ, ДИРЕКТОРИТЕ МОЛЧЕАДолгот на битолските школи е 12 отсто од вкупниот долг на Општината, се таложел по 2-3 години неплаќање основни сметки, а директорите молчеа;- средното Медицинско училиште (Фото: СДК.МК)

    Битолските училишта должат над 4,5 милиони евра за школскиот превоз, вода, струја и други давачки, соопшти градоначалничката на Битола, Наташа Петровска. Долговите се таложеле до години, а Петровска вели дека во нивното подмирување освен Општината, треба да се вклучи и државата.

    „Во моментот на ниедно училиште не му е исклучена струјата, факт е дека училиштата должат и по основ на неплатена струја. Всушност, долгот на училиштата е над 4,5 милиони евра, не само само по основ на струја, туку и други давачки. Се обидовме да најдеме начин да не им се исклучува струјата и тоа беше една од битките што ја имавме вчера. Факт е дека мора да се пронајде начин како тие долгови да се подомират, потребно е да се вклучи не само Општината, туку и држававата“, рече Петровска.

    По долговите и состојбата во средното Медицинско училиште, каде нема ни исправни врати, парно, компјутери, САКАМ ДА КАЖАМ.МК истражуваше како се дозволи битолското образование да стигне до ова дереџе.

    Дел од советниците кои ситуацијата ја следеа во неколку минати мандати велат дека со формулата по која претходната власт ги распределуваше блок дотациите за образование по општините, се издвојуваа помалку средства од потребните.

    „Состојбата е последица на три фактори криминал на претходната локална самоуправа, негрижа и несоодветни наменски дотации на претходната власт и популистички политики. Не се префрлуваа доволно средства според формулата за распределување на дотациите, па школите беа оштетени“, вели Златко Ќурчиевски, советник од СДСМ во претходни мандати.

    Тој вели дека средствата што од централно се префрлуваа на локално ниво не беа доволни, па кусокот го надополнуваше Општината. Но, тие пари не можеа да се дадат туку така, па во завршните сметки се претставуваа како побарувања од централната власт.

    „Се сеќавам на последната завршна сметка каде имаше 2,5 милиони евра за обврски на име исплата на расходи во образованието кои произлегоа од дотациите што Министерството за образование не ги имаше исплатено до крај“, вели Ќурчиевски.

    Претседателот на Советот, Валентин Груевски, советник во неколку претходни мандати вели „ништо не се преземаше иако и на централно и на локално ниво на власт беше истата партија.“

    „Долговите се напластија, бесплатниот школски превоз редовно не се плаќаше, па се блокираа сметките, по што почна да не се плаќа за вода, струја, комунални давачки. И сега има повеќе битолски училишта со блокирани сметки како што се гимназијата ‘Таки Даскало’ и повеќе основно училишта“, вели Груевски.

    Ексградоначалникот Владимир Талески, уште пред да биде обвинет за случајот  „Транспортер“ на СЈО, изјавуваше дека формулата според која се распределуваат блок дотациите не ги покрива режиските трошоци, меѓу кои и оние за превоз на учениците.

    На седниците на Советот кога се разгледуваа сметките на училиштата редовно доаѓаа и директорите. Ни еден никогаш не зеде збор на говорницата. Најчесто во нивно име зборуваа советниците од тогашната власт. Велеа дека се направени инфраструктурни проекти, спортски сали, постигнати се успеси на натпревари. Признаваа и дека има долгови, но дека се наоѓаат решенија за нивно намалување и не е затворено ни едно школо.

    И ЗЕЛС во Прирачникот за новите градоначалници што го објави по локалните избори признава дека финансирањето на образованието претставува предизвик на локалната власт.

    „Средствата кои се определуваат и префрлаат на општините во вид на блок дотации се покажаа како недоволни за квалитетно спроведување на оваа надлежност од страна на општините. Барањата на локалните власти до централната одеа во насока на потребата од зголемување на овие средства за најмалку 30 %, но тоа не се случи во изминатиот период, иако се зголеми центата на струјата, нафтата, превозот и друго “, пишува во Прирачникот.

    Неизвесно е дали во иднина ќе дојде до промена на формулата за блок дотациите за да не се продуцираат нови долгови.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари