Двегодишно дете од Битола е пренесено во Клиничкиот центар во Скопје со тешки телесни повреди нанесени од кучиња скитници. Детето било искасано додека вчера се играло во близина на семејната куќа во населбата Баир во Битола.
,,На 06.02.2026 во 15:53 часот, доктор од Клиничката болница во Битола пријави во СВР Битола дека кај нив е донесено двегодишно дете од Битола со тешки телесни повреди. Според пријавеното, додека детото си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза‘ во Скопје. СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот”, соопштија од СВР Битола.
Ова не е првпат кучиња скитници да нападнат и повредат деца во Битола. Лани во април, за десет дена две мали деца, од кои едното на неполни две години, а другото на осум години, беа искасани од улични кучиња на плоштадот Магнолија во строгиот центар на Битола. И двете се здобија со тешки телесни повреди на лицето, поради што повредите мораа да им бидат санирани во Клиничката болница. Осумгодишното дете беше нападнато од куче на 13 април и имаше повреди на челото, а помалото на 20 април, односно на Велигден и се здоби со повреди на устата, образот и брадата.
Во Битола е отворено прифатилиште за бездомни кучиња кое функционира на принципот „залови, третирај и врати на улица“. На овој начин надлежните сметаат дека со тек на времето ќе се намали бројот на кучиња скитници.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



