УЛИЧНО КУЧЕ КАСНА ДЕТЕ ВО ОХРИД, ПРОТИВ ОПШТИНАТА ГОДИНАВА ИМА 5 СУДСКИ СПОРОВИ ЗА ОТШТЕТА

    УЛИЧНО КУЧЕ КАСНА ДЕТЕ ВО ОХРИД, ПРОТИВ ОПШТИНАТА ГОДИНАВА ИМА 5 СУДСКИ СПОРОВИ ЗА ОТШТЕТАНад сто бездомни кучиња досега се третирани на хуман начин со заловување, кастрирање, чипирање, вакцинирање и повторно враќање на заловеното подрачје. (Фото: СДК.МК)

    Улично куче завчера во Охрид касна дете, соопшти СВР Охрид. Минатиот месец бездомно куче касна 33-годишна жена.

    „На 10.11.2022 во 13.15 часот, Т. С. Ј. (37) од Охрид пријави во полициска станица дека нејзиниот малолетен син на улицата Сирма Војвода во Охрид, бил каснат од куче скитник“, соопштија СВР Охрид.

    Минатата година до ЈП „Охридски комуналец“ пристигнале 29 барања за надомест на штети од каснување на кучиња, а поведени се 14 судски спорови за што на име отштета се исплатени околу 200.000 денари. Од почетокот на оваа година досега има заведено пет судски спорови против Општината. Од „Охридски комуналец“ велат дека станува збор за проблем кој трае со години и се бара системско решавање, додавајќи дека претпријатието во минатото и сега има исплатено огромни штети.

    Според податоците добиени од МВР за нападите од улични кучиња во последните три години, Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека има вкупно 3.660 напади на територијата на цела држава, од кои 498 се врз деца. Во Охрид се регистрирани 50 напади.

    Општината започна да се справува со овој проблем, но граѓаните уште не се безбедни по охридските улици. Над сто бездомни животни досега се третирани на хуман начин со заловување, кастрирање, чипирање, вакцинирање и повторно враќање на заловеното подрачје.

    „Изминатите години се предвидуваше прифатилиштето да биде на локалитетот Мауцхер, но поради административни правни пречки не е возможно добивање дозвола од Агенција за храна и ветеринарство за отворање такво прифатилиште и затоа се објави тендер за хуман третман на кучињата кој подразбира ветеринарни услуги и хуман третман. Целта ни е да го решиме овој горлив проблем на охриѓани“, вели директорот на ЈП „Охридски комуналец“ Саше Најдески.

    Отаму додаваат дека со последните активности – залови, стерилизирај, вакцинирај и врати на локација од која што е заловено –  намалени се инцидентите оти кај третираните кучиња агресијата се намалува до 95 отсто. Сепак, сметаат дека за трајно решавање на овој проблем потребно е изградба на стационар.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира