УЛИЦА ВО СКОПЈЕ ЌЕ ГО НОСИ ИМЕТО НА АЛЕКСАНДАР ЏАМБАЗОВ

    УЛИЦА ВО СКОПЈЕ ЌЕ ГО НОСИ ИМЕТО НА АЛЕКСАНДАР ЏАМБАЗОВКако заслужен граѓанин на Скопје маестро Џамбазов ќе добие улица со неговото име. (Фото:К. Попов)

    Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска најави дека улица во Скопје ќе биде именувана по маестро Александар Џамбазов, легендарниот композитор и диригент и втемелувач на македонската детска и популарна музика кој почина на 25 јануари на 85 години.

    После комеморацијата за маестро Џамбазов која се одржа во Македонска опера и балет, Арсовска најави дека ќе  иницира со одлука улица во Град Скопје да го носи неговото име како заслужен граѓанин и истакната личност .

    „Денеска го испраќаме во вечното почивалиште со неизмерна почит, маестро Александар Џамбазов, основоположник на Скопскиот фестивал на забавна музика и еден од најстарите детски музички фестивали во Европа, Фестивалот на детски песни „Златно славејче“. Човек кој четири децении создаваше непроценливо творештво за македонската музика“, напиша Арсовска на својот фејсбук профил.

    Џамбазов зад себе остави исклучително богат творечки опус. Реализираше огромен број снимки и концерти, а особено е значаен неговиот придонес кон развојот на детската музика. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на еден од најафирмираните и најстари детски музички фестивали во Европа, „Златно славејче“.

    Во 1964 е назначен за диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје и на тоа работно место остана до пензионирањето. Џамбазов беше основоположник и на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“, а пишуваше и филмска, театарска, хорска, класична и поп музика. За својата работа доби над 40 награди и признанија во Македонија и Југославија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и наградата на Град Скопје „13 Ноември”.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира