УЛИЦАТА ДАМЕ ГРУЕВ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ НЕМА ДА СЕ ПРОШИРУВА ВО БУЛЕВАР

    УЛИЦАТА ДАМЕ ГРУЕВ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ НЕМА ДА СЕ ПРОШИРУВА ВО БУЛЕВАРУлицата Даме Груев, која сега е со дупки и прокопи, ќе се реновира кога ќе старува реализацијата на проектот Бас рапид транзит. (Фото: СДК.МК)

    Улицата Даме Груев во центарот на Скопје нема да се проширува во булевар со четири коловозни ленти. Пред две години, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов најави дека со воведувањето трамвај, Рекорд ќе стане пешачка зона низ која ќе минуваат само возилата на јавниот превоз. Беше кажано дека сообраќајот дека ќе се пренасочи по улицата Даме Груев, која ќе се прошири во булевар со 4 коловозни ленти, како што е нацртано и во Генералниот урбанистички план. За оваа идеја на Шилегов имаше реакции од граѓаните, бидејќи за да се реализира булеварот треба да се сече зеленило.

    Сега, откако целиот проект за движењето на брзиот автобуски превоз е направен, анализите покажале дека не е потребно овој дел да се проширува.

    „Она што го имаме направено како студија и од добиените податоци кои ги имаме, нема потреба од ширење на улицата ниту нарушување на тој дрворед и секојдневието на станарите. Улицата ќе биде само реконструираната како дел од проектот ‘Бас рапид транзит’, бидејќи во еден дел е сериозно оштетена“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

    Со воведување на брзиот автобуски превоз и затворање на Рекорд за возила, ќе се воведе и нов сообраќаен режим за движење, кој Шилегов вели ќе го презентира со стартот на проектот.

    За реализација на проектот брз автобуски превоз Владата зема кредит од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Тендерот за избор на фирма која ќе го воведе новиот систем ќе биде распишан месецов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира