УЛИЦАТА ЕСЕНИНОВА КОНЕЧНО ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА, ОД АЕРОДРОМ ДО КИСЕЛА ВОДА СЕГА СЕ ИЗБЕГНУВА ТЕСНОТО ГРЛО КАЈ „ТУТУНСКИ КОМБИНАТ“

    УЛИЦАТА ЕСЕНИНОВА КОНЕЧНО ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА, ОД АЕРОДРОМ ДО КИСЕЛА ВОДА СЕГА СЕ ИЗБЕГНУВА ТЕСНОТО ГРЛО КАЈ „ТУТУНСКИ КОМБИНАТ“Од Кисела Вода сега не мора да се оди до „Тутунски комбинат“, туку кај Рампа се приклучува на новата улица и се излегува на Трета македонска бригада во Аеродром и обратно. (Фото: Принтскрин од видео на Град Скопје)

    Новата скопска улица Есенинова која ги поврзува општините Аеродром и Кисела Вода конечно е пуштена во употреба. Две години по доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска, улицата која беше речиси целосно завршена сега е официјално завршена. Поставени се семафори, хоризонтална сигнализација и по неа може да се вози. Со тоа, од Кисела Вода сега не мора да се оди до „Тутунски комбинат“ туку кај Рампа се приклучува на новата улица и се излегува на Трета македонска бригада во Аеродром и обратно.

    Есенинова почна да се гради во мандат на ексградоначалникот Петре Шилегов. Новата улица е во должина од 730 метри, почнува од Кисела Вода кај Чешма покрај пругата кон амбулантата „Пролет“ и излегува на булеварот Трета македонска бригада во Општина Аеродром. Има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада.

    На улицата е изградена нова водоводна и канализациона мрежа, поставено е улично осветлување и изградени се нови подземни бунарски линиски системи кои се во функција со резервоар, пумпна станица и поврзување со хидрантска мрежа.

    Со пробивањето на оваа нова сообраќајница ќе се намали гужвата и ќе се скрати кружењето кај „Тутунски комбинат“, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути.

    Изградбата на Есенинова чинеше околу еден милион евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира