УЛИЦАТА МИРОСЛАВ КРЛЕЖА ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО ЌЕ СТАНЕ ПЕШАЧКА, ОСВЕН ЗА ВОЗИЛАТА НА СТАНАРИТЕ

    УЛИЦАТА МИРОСЛАВ КРЛЕЖА ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО ЌЕ СТАНЕ ПЕШАЧКА, ОСВЕН ЗА ВОЗИЛАТА НА СТАНАРИТЕРеконструкцијата ќе чини околу еден милион евра. (Фото: ОПштина Центар)

    Улицата Мирослав Крлежа во скопско Дебар Маало ќе стане пешачка зона. Општина Центар распиша тендер за избор на фирма која ќе ја врши реконструкцијата на улицата на потегот од Орце Николов, покрај зградата на Министерството за култура и завршува како слепа кај кафулето „Правда“.

    За реализација на проектот, Општина Центар објави Јавен конкурс во соработка со Архитектонскиот факултет во Скопје, каде што од најдобрите три решенија изработени од студентите се формираше едно идејно решение за основниот проект за реконструкција на улицата.

    „Полека, но сигурно станува реалност долго најавуваниот проект за целосна реконструкција на Мирослав Крлежа и пренамена на улицата во пешачка и резидентна зона. Најголем приоритет се жителите заради воведувањето резидентен паркинг, а сите граѓани ќе добијат нова и модерна пешачка зона за рекреација, со нова урбана опрема и со ново јавно зеленило. Преку реализацијата на нашите инфраструктурни проекти полека ја заокружуваме целината што ја најавувавме изминативе четири години, а тоа е Дебар Маало да биде резидентно маало и конечно да ги вратиме мирот и безбедноста на граѓаните што живеат во овој реон“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Проектот се спроведува по барање на жителите што живеат во овој дел на Центар, а реконструкцијата ќе чини околу еден милион евра. Реконструкцијата ќе се изведе на површина од 6.000 квадратни метри, ќе се постават нови гранитни и травертин плочи, изработени од природни материјали. Исто така, ќе бидат поставени ново ЛЕД-осветлување, нова урбана опрема и јавно зеленило на површина од 693 метри квадратни и дополнително ниско-средно зеленило со нови 100 садници.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира