Улицата „Мирослав Крлежа“ во скопско Дебар Маало, кај зградата на Министерството за култура станува пешачка зона. Општина Центар почна со градежни работи за реконструкција на улицата со кои се предвидува нов алфалт, пешачки патеки и зеленило. Ќе биде поставена и нова атмосферска канализација.
По завршување на реконструкцијата, паркирањето ќе стане резиденцијално односно ќе може да паркираат само станарите на околните згради. Оваа улица досега ја стопанисуваше ЈП „Градски паркинг“, но сега ќе ја преземе ЈП „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) и ќе го воведе новиот режим за паркирање.
Улицата „Мирослав Крлежа“ секој ден од утро до доцна навечер е претворена во паркинг. Таа минува покрај Министерството за култура и завршува како слепа улица кај кафулето „Правда“. Станарите на околните згради постојано се жалеа дека во текот на цел ден вработени во околните фирми и посетители на кафулињата се паркираат на самата улица. Колите се наредени една зад друга во два реда, блокирајќи го движењето не само на возила, туку и на пешаци и велосипедисти. Станарите не можат да излезат од нивните паркинг места оти се блокирани од колите на улица.
А. АНТЕВСКА



