Град Скопје заврши со проширувањето во булевар на улицата Никола Карев на потегот од крстосницата кај касарната Илинден до Момин поток. Булеварот сега е со четири коловозни ленти, по две во двата правци, велосипедска и пешачка патека. На потегот кај ридот изграден е потпорен ѕид во должина од 690 метри, поставена е нова атмосферска канализација и лед осветлување од двете страни.
„Оваа делница со децении стоеше како проблем во Скопје и сега за седум месеци успеавме да изградиме нов булевар и изведовме велосипедски и пешачки патеки, ќе биде засадено висококвалитетно зеленило со што овој потег ќе добие сосема нов лик. Станува збор за исклучително фреквентна сообраќајница која е најмногу искористена од жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница користена е и од оние што само минуваат низ овој дел на градот. Оваа сообраќајница ќе се надоврзе и на новата клучка кај Момин Поток чија изведба ќе започне наредната недела, а со нејзиното завршување очекуваме значително да се намали сообраќајниот метеж во овој дел од градот “, кажа градоначалникот Петре Шилегов.
Изградбата на булеварот Никола Карев чинеше 2,6 милиони евра.
А. АНТЕВСКА