УЛИЦАТА ПРЕД СТАДИОНОТ „ФИЛИП ВТОРИ“ ИМЕНУВАНА СТОЛТЕНБЕРГОВА, СПОРЕД ТАТКОТО НА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА НАТО

    УЛИЦАТА ПРЕД СТАДИОНОТ „ФИЛИП ВТОРИ“ ИМЕНУВАНА СТОЛТЕНБЕРГОВА, СПОРЕД ТАТКОТО НА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА НАТОСреќен што Скопје не ги заборавило напорите на татко му за помошта по земјотресот во 1963; - Јенс Столтенберг со градоначалникот Петре Шилегов на отворањето на улицата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Мојот татко ќе беше многу почестен што добива улица во градот кој секогаш имал посебно место во неговото срце, кажа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на откривањето на улицата Столтенбергова во Градски парк во Скопје, пред стадионот „Филип Втори“.

    Именувана според угледниот норвешки дипломат Торвалд Столтенберг, кој почина пред неколку месеци, Скопје на овој начин му се оддолжува на човекот кој даде голем придонес во обновата на градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

    Улицата Столтенбергова се протега од кејот на Вардар и поминува покрај стадионот „Филип Втори“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Голема чест ми е што сум тука, на отворањето на улицата именувана според мојот татко. Првиот пат го посетив Скопје во 60-ите години. Бев дете и мојот татко работеше во норвешката амбасада во Белград. Тој отсекогаш имаше посебна врска со Скопје, бидејќи ја координираше помошта што доаѓаше од Норвешка по земјотресот. Не се сеќавам на многу, но тоа засекогаш остави силен впечаток врз мене. Затоа е голема чест пак да се биде тука и да се види како градот се развил и напредува. Мојот татко беше многу почестен кога беше именуван за почесен граѓанин на Скопје и сигурен сум дека ќе беше почестен и сега. Среќен сум што ги паметите неговите напори“, кажа Столтенберг.

    Градоначалникот Петре Шилегов кажа дека Скопје никогаш нема да ги заборави делата на Торвалд Столтенберг.

    „Оваа година одбележуваме 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, но оваа година се збогувавме и со нашиот голем пријател Торвалд Столтенберг, чии дела се насекаде околу нас. Нашите сограѓани го паметат по несебичната помош што ја даде во првите денови по земјотресот и со чија помош Скопје доби детска болница во Козле и беа изградени норвешките бараки. Скопјани не можат, не смеат и нема да ги заборават овие негови дела“, изјави Шилегов.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира