УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЕДНА ГОДИНА СТОИ РАЗУРНАТА, АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ДАЛИ ПЛАНИРА ДА ЈА НАПРАВИ И КОГА

    УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЕДНА ГОДИНА СТОИ РАЗУРНАТА, АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ДАЛИ ПЛАНИРА ДА ЈА НАПРАВИ И КОГАСо доаѓањето на функција на Арсовска градежните работи беа стопирани и оттогаш помина една година, но салата ниту се реконструира ниту пак има најава дека наскоро ќе се почне со работа на објектот.(Фото: К.Попов)

    Универзална сала, симболот на Скопје една година стои отворена, разурната, затрупана со шут. Цела година на концертната сала нема никакви градежни активности, ниту се знае кога и дали ќе продолжат. Градежните работи за реконструкција на фасадата и куполата на концертната сала започнаа лани во септември за време на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. Со доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска во ноември, градежните работи беа стопирани бидејќи, според неа,  проектот бил небезбеден. Оттогаш помина една година, но салата ниту се реконструира ниту пак има најава дека наскоро ќе се почне со работа на објектот.

    Парите за реновирање на Универзална сала се обезбедени од Владата односно преку Министерството за култура на наменска сметка на Град Скопје се префрлени 1,9 милиони евра за првата фаза реконструкција на надворешноста. Арсовска пред неколку месеци побара од Владата дополнителни пари оти тие што се дадени не биле доволни поради измени на проектот.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша градоначалничката Арсовска зошто уште не се почнува со продолжување на градежните работи на Универзална сала, зошто се дозволува да скапува, не се преземаат никакви активности и дали има намера во нејзиниот мандат да ја доврши салата. Одговори на прашањата од Арсовска не добивме. Истите прашања ги испративме и до одделението за односи со јавност во Град Скопје, до кабинетот на Арсовска и до лицето назначено од неа за односи со јавноста, но одговори и од таму не добивме.

    Сега Универзална сала скапува, а при посилен ветер и невреме парчиња од старите лимови кои треба да се заменат летаат од конструкцијата и покривот на објектот. Во невремето во септември се откорна цело парче од покривот на салата и за среќа како што кажуваат станарите падна во рамките на заграденото градилиште.

    Градоначалничката Данела Арсовска пред месец и половина прашана од новинарите кога ќе продолжи реконструкцијата на Универзална сала одби да одговори велејќи дека за два-три дена ќе има посебна тематска прес-конференција на таа тема. Но, таква прес-конференција сè уште не е одржана.

    Универзална сала е затворена 7 години.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира