УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ РЕНОВИРА КОН КРАЈОТ НА ГОДИНАВА, НЕМА ДА БИДЕ ВО ФОРМА НА ЈАЈЦЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ РЕНОВИРА КОН КРАЈОТ НА ГОДИНАВА, НЕМА ДА БИДЕ ВО ФОРМА НА ЈАЈЦЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВОткако Град Скопје доби од Вчадата пола милион евра за Универзална сала, градоначалникот Петре Шилегов вели дека до крајот на годинава треба да бидат завршени сите постапки за избор на изведувач и да почнат подготвителните градежни работи.(Фото: К.Попов)

    Универзална сала ќе почне да се реновира кој крајот на година. Град Скопје доби пари од Владата за отпочнување на постапката за реконструкцијата на концертната сала, 14 месеци откако беше потпишан договорот за финансирање меѓу градоначалникот Петре Шилегов и тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски.

    На последната владина седница беше донесена одлука од програмата на Министерството за култура за капитални инвестиции во општините, на Град Скопје да му бидат префрлени пола милион евра за отпочнување на постапката, а пари за оваа намена Владата ќе одвојува и во текот на наредните години, според динамиката на градење.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека до крајот на годинава треба да бидат завршени сите постапки за избор на изведувач и да почнат подготвителните градежни работи. Шилегов не кажува според кој проект ќе се прави, имајќи предвид дека за концертната сала во Град Скопје постојат три проекти.

    „Во финална фаза е изработката на проектот за новиот изглед на Универзална сала. Штом биде готов ќе и биде презентиран на јавноста, но дефинитивно нема да биде проектот кој предвидуваше да биде во форма на јајце. За мене е важно што успеавме концертната сала да ја внесеме во капиталните инвестиции на државата за културните објекти, што значи ќе биде предмет на финансирање и во наредните години. Очекувам во текот на оваа година да започнеме со подготвителните градежни работи, со цел во наредните две години да можеме да ја реализираме и пуштиме во употреба“, вели градоначалникот Шилегов.

    Според проценките на Градот реконструкцијата на салата би чинела 17 милиони евра, додека изградба на целосно нова сала 12 милиони евра.

    Универзална сала е затворена 4 години, односно од 10 март 2015 година кога лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами. По завршување на трибината на Заев, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните тогаш одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.

    Тогаш беше актуелен проектот според кој салата требаше да се урне, а на нејзино да место да се изгради целосно нов објект во форма на јајце. Истата година, Универзална сала беше преименувана во Конгресен центар Александар Македонски.

    Но, една година подоцна од финансиски причини беше откажана изградбата на салата во форма на јајце, а Министерството за култура најави дека обновата на Универзална ќе биде по проектот од пред девет години на „Архангел бојс“, според кој се задржува сегашниот изглед но салата се надградува со застаклена галерија околу целиот објект и се зголемува бројот на седишта за 200.

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов ѝ беше вратено името Универзална сала, а градоначалникот најави дека до крајот на неговиот мандат таа повторно ќе биде пуштена во употреба.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари