УНИВЕРЗАЛНА САЛА МОЖЕ ДА ОСТАНЕ НА ТАА ЛОКАЦИЈА САМО СО ПОСТОЈНАТА ГОЛЕМИНА, ВЕЛАТ ОД АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ

    УНИВЕРЗАЛНА САЛА МОЖЕ ДА ОСТАНЕ НА ТАА ЛОКАЦИЈА САМО СО ПОСТОЈНАТА ГОЛЕМИНА, ВЕЛАТ ОД АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИОд Асоцијацијата на архитекти препорачуваат поголема концертна сала да не се прави туку да се реновира постоечкиот објект, а Општина Центар со новиот Детален урбанистички план за Буњаковец 2, да ја намали површината за градба која беше зголемена во времето на ВМРО-ДПМНЕ и да се врати постојната големина на објектот, а нова Универзална сала да се прави на друга локација каде што има довоно простор (Фото: СДК.МК)

    Предложивме нова Универзална сала да се гради на нова локација бидејќи од Град Скопје нѐ информираа дека Скопје има потреба од поголема и современа сала, а таков објект не е соодветен за постојната локација, велат од Асоцијацијата за архитекти на Македонија, откако Град Скопје објави конкурс за парк на местото на старата монтажна зграда на Универзална сала. Најавата на градоначалникот предизвика реакции во јавноста, од Асоцијацијата препорачуваат поголема концертна сала да не се прави туку да се реновира постоечкиот објект, а Општина Центар со новиот Детален урбанистички план за Буњаковец 2, да ја намали површината за градба која беше зголемена во времето на ВМРО-ДПМНЕ и да се врати постојната големина на објектот.

    „Во декември 2019 година бевме контактирани од страна на Град Скопје за организирање на конкурс за нова Универзална сала со проширена програма кој соодветствува на програмата која ја имаше конкурсот од 2013 година, каде беше предвидена изградба на обејкт од 36.000 метри квадратни во согласност со постојниот Детален урбанистички план – ДУП Буњаковец 2. Од наша страна беше посочено дека на дадената локација објект со толку обемна програма е несоодветно да се постави, што најдобро се покажа токму со конкурсот од 2013 година. Нашиот став беше дека Универзална сала треба да остане во целост таква каква што е и да се реставрира во нејзиниот постоен облик и појавност. Од страна на Град Скопје бевме информирани дека средства за реставрирање и реновирање на постојниот објект на Универзална сала нема. Добиените информации беа дека Град Скопје има утврдено дека Скопје има потреба од поголема, современа концертна сала, со нова програма“, се вели во соопштението од Управниот одбор на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

    Согласно ваквата иницијатива било предложено нова Универзална сала, со бараната проширена програма, да се гради на друга соодветна локација. По направената анализа, како можна локација била предложена локација во близина на спортскиот центар “Борис Трајковски’.

    „Она што останува како факт е дека постојниот објект на салата е во многу лоша состојба и не функционира повеќе од 5 години со што овој исклучително значаен јавен простор во центарот на градот не ги користи ресурсите на местото. Меѓутоа исто така е факт и дека објектот на Универзалната сала претставува идентитетски топоним во кој е вградено огромно количество од културниот седимент на градот кој е составен од низа настани одржани во изминатите 50 години. Од причина што бевме информирани дека Градот нема средства за реконструкција на Универзална сала, предложивме просторот каде што е сместена Универзална сала да прерасне во јавен простор кој што ќе биде дефиниран по распишување на анкетен конкурс со што би се добиле идеи за негово идно функционирање и планирање“.

    „За да се избегнат забуни во јавноста, го повикуваме Град Скопје да ги презентира во јавноста сите наоди кои ги има за постојната состојба на Универзалната сала. Би повикале уште еднаш, да се зачува постојниот објект и доколку Градот Скопје нема средства за таква намена, ја повикуваме и Владата на Република Северна Македонија да се произнесе пред јавноста дали може да се обезбедат средства да биде реконструиран и зачуван објектот во неговата постојна големина и појавност“, велат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија,

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека сѐ уште не е донесена конечна одлука за Универзална сала и дека е отворен за дискусија со стручната јавноста за оваа тема, со цел да се најде соодветно решение, а скопјани да добијат современа концертна сала. Шилегов најавува дека утре ќе ги презентира сите досегашни проекти и опции кои стојат на располагање на Градот за изградба или реновирање на Универзалана сала и колку средства би биле потребни за тоа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира