УРНАТИ БАРАКИТЕ КАЈ ПАРКИНГОТ ПРЕД „ХОЛИДЕЈ ИН“, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ ВЕЛИ СОПСТВЕНИКОТ НЕМА ДОЗВОЛА ДА ГРАДИ

    УРНАТИ БАРАКИТЕ КАЈ ПАРКИНГОТ ПРЕД „ХОЛИДЕЈ ИН“, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ ВЕЛИ СОПСТВЕНИКОТ НЕМА ДОЗВОЛА ДА ГРАДИБараките се урнати оти земјиштето на кое се наоѓаат е приватна сопственост и сопственикот побарал да бидат отстранети заради оформување на парцелата.(Фото: К. Попов)

    Општина Центар ги урна бараки кои се наоѓаат кај паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“. Бараките се урнати оти земјиштето на кое се наоѓаат е приватна сопственост и сопственикот побарал да бидат отстранети заради оформување на парцелата.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека на сопственикот на земјиштето не му е дадена дозвола за градба оти на сила уште е мораториумот за градба на територијата на општината.

    „Во моментов се врши ревизијата на Деталните урбанистички планови, меѓу кои и планот за овој дел. Нема да се градат 60 катници, планот кога ќе биде готов ќе биде ставен на јавна анкета и граѓаните преку забелешките ќе одредат што ќе се гради на тој простор“, вели Богдановиќ.

    Во август директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Кристијан Трајковски, изјави дека во наредниот период со јавно-приватно партнерство планираат изградба на повеќе станбени и деловни објекти меѓу кои и висококатниците во центарот на градот.

    „На паркингот кај ’Холидеј ин‘ со ДУП-от се предвидени три 60-катници за кои сметам дека се идеална локација за современ бизнис центар, што му е потребен на Скопје“, рече Трајковски.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, по ваквите изјави на Трајковски одговори дека 60-катниците нема да се градат бидејќи тој Детален урбанистички план во моментов како и останатите планови е под мораториум, односно се вршат измени со кои ќе биде намалена катноста на објектите кои се предвидени на тој простор.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари