УШТЕ Е РАНО ЗА OТВОРАЊЕ НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ И АЕРОДРОМИТЕ, РЕЧЕ СУГАРЕСКИ

    УШТЕ Е РАНО ЗА OТВОРАЊЕ НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ И АЕРОДРОМИТЕ, РЕЧЕ СУГАРЕСКИМинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска во Битола на увидот во градежните работи на битолската обиколница. (Фото:СДК.МК)

    Во периoдов се разговара за отворање на аеродромите и граничните премини, но уште е рано за да се донесат такви одлуки, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска во Битола.

    „Од страна на ‘Македонија ТАВ’ беше побарано во следниот период да се соопшти доколку Владата и Кризниот штаб донесат одлука за пуштање на аеродромите, зашто седум до десет дена ним ќе им бидат потребни за одредени тестирања кои можат да ги направат, со цел да бидат пуштени аеродромите. Уште нема таква одлука, веројатно ќе се разговара во следниот период за тоа од кога би биле пуштени аеродромите и граничните премини“, рече Сугарески.

    Аеродромот во Скопје поради пандемијата со КОВИД-19 е затворен од 18 март, а ден претходно беа затворени и граничните премини.

    Коронакризата ги одложи и средбите кои се водеа меѓу претставници на Министерствата за надворешни работи на Македонија и Грција, за интензивирање на активностите за отворање на граничниот премин кај Маркова Нога. Нови средби се очекуваат во октомври.

    „На регионалниот пат Макази-Маркова Нога се прави санација на свлечиштето, која ќе заврши во најбрз можен рок. Од грчка страна имаме тампонирање на патот. Во октомври, треба да има дополнителни средби согласно програмата за прекугранична соработка преку која ќе биде финансиран граничниот премин, да биде во наредниот период во целосна функција. Не би шпекулирал кога ќе биде отворен, мислам во брз период“, рече Сугарески.

    Тој заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов денес извршија увид во градежните работи на битолската обиколница, каде се поставува заштитна ограда за поголема безбедност на возилата, на жителите од околната ромска населба и за намалување на бучавата.

    „Заштитната ограда ќе биде во должина од еден метар. За првпат се поставуваат ваков тип звучни бариери, кои се еколошки, со висок коефициент на апсорпција на звукот, направени од бетонска маса со гумено јадро. За месец и половина да биде завршено. Средишниот дел каде се куќите ќе биде во различен колорит, на две нивоа. Ваквата заштитна ограда има добиено награда во Брисел како една од најдобрите звучни бариери со примена на еколошки материјали“, рече Китанов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира