Уште не работи затворениот базен во основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ во Општина Кисела Вода, кој свечено беше пуштен во употреба лани во јули. Тогаш, лента за отварање на базенот сечеа тогашниот градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и министерот за спорт Борко Ристовски, а на отварањето беше и премиерот Христијан Мицкоски.
Овој базен е дел од проектот за изградба на пет базени низ државата, започнат од поранешната Агенција за млади и спорт уште во 2019 година.
„Приоритет ќе имаат учениците од ООУ ‘Невена Георгиева Дуња‘, како и учениците од другите основни училишта на подрачјето на Општина Кисела Вода. Потоа базенот ќе биде достапен и за спортските клубови и за граѓаните“, рече Ѓорѓиевски на свеченото отварање во јули 2025.
Но, оттогаш помина повеќе од една година, а базенот не е отворен за користење. Неколку месеци по отварањето, во базенот биле украдени реквизитите за пливање и дел од опремата.
Од Општина Кисела Вода ни одговорија дека во моментов се вршат финални технички подготовки кои се неопходни пред неговото трајно ставање во функција. Додаваат дека кражбата која се случила не е причина за неработењето на базенот туку темелното спроведување на неопходните процедури пред предавањето на објектот на трајно управување.
„Општина Кисела Вода веќе потпиша Меморандум за соработка со Пливачката федерација на Македонија, која по завршувањето на овие подготовки целосно ќе го преземе базенот. Клучен приоритет на Општината во овој процес е обезбедувањето на услови објектот да им стои на располагање и на учениците од нашите општински основни училишта. Базенот наскоро ќе биде отворен за користење, а јавноста и медиумите ќе бидат навремено и официјално известени за точниот датум на отпочнување со работа“, велат од Општина Кисела Вода.
- БАЗЕНОТ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ВО СКОПЈЕ Е ЗАТВОРЕН И НЕМА ДА СЕ РЕНОВИРА ГОДИНАВА, ДЕЦАТА ТРЕНИРААТ ВО ПРИВАТНИОТ ОЛИМПИСКИ БАЗЕН ЗА ДУПЛО ПОВИСОКА ЦЕНА
- СКОПСКИОТ БАЗЕН „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН ДВЕ ГОДИНИ ЗА ЦЕЛОСНА РЕКОНСТРУКЦИЈА ОТКАКО ЛЕТНА ПОКРИВОТ ВО НЕВРЕМЕТО
Во моментов во Скопје не работи базенот во склоп на Спортскиот центар (СЦ) „Борис Трајковски“ кој ќе биде затворен две години заради реновирање. Децата и спортистите кои тренираат пливање и ватерполо сега имаат тренинзи на Олимписки базен, со кој управува приватна фирма за тернинг се плаќа речиси дупло поскапо. Цената во „Борис Трајковски“ за тренирање пливање или ватерполо била 3.000 денари месечно, а сега во Олимписки базен е 5.000 денари.
Олимписки базен нема капацитет да ги прими сите пливачи и во моментов, како што кажуваат родителите, е тепачка за патека за пливање. За да се намали притисокот помалите деца ќе тренираат во малите базени како што е оној во склоп на салата „Партизан“ во Карпош. И овој базен нема капацитет да ги прими сите деца, па затоа треба во функција да се стави и базенот во Кисела Вода.
А. АНТЕВСКА



