УСТАВЕН СУД ГО УКИНА УРБАНИСТИЧКИОТ ПЛАН ТАФТАЛИЏЕ 1, АКТИВИСТИТЕ БАРААТ МОРАТОРИУМ ЗА ГРАДБА ВО ОПШТИНА КАРПОШ

    УСТАВЕН СУД ГО УКИНА УРБАНИСТИЧКИОТ ПЛАН ТАФТАЛИЏЕ 1, АКТИВИСТИТЕ БАРААТ МОРАТОРИУМ ЗА ГРАДБА ВО ОПШТИНА КАРПОШУставниот суд го укина спорниот ДУП кој го опфаќа потегот од булеварот Партизански одреди, улица Московска, булевар Македонија и булевар 8 Септември и со кој е предвидува во зеленилото да никнат нови згради.- Од протест на жителите на Карпош на кои бараат бараа стопирање на плановите (Фото: СДК.МК)

    Уставен суд го укина Деталниот урбанистички план (ДУП) за Тафталиџе 1, кој беше донесен на 5 јануари 2016. Уставниот суд оцени дека Општина Карпош не ги почитувала  уставните и законските одредби при донесување на спорниот ДУП кој го опфаќа потегот од булеварот Партизански одреди, улица Московска, булевар Македонија и булевар 8 Септември и со кој е предвидува во зеленилото да никнат нови згради.

    „Необјавувањето на Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена (бр. 34-3079/17 од 06.07.2015 година) на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина, значи дека не е во целост запазена постапката за донесување на деталниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласноста со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, со членот 15-в од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со членот 65 Законот за животната средина“, се вели во одлуката на Уставниот суд.

    Деталниот урбанистички план за Тафталиџе 1 и Карпош 4 беше донесен на Бадник во 2016, за време на мандатот на ексградоначалникот Стевчо Јакимовски. Граѓанските иницијативи Ние сме Карпош 4 и Зелено Тафталиџе по ваквата одлука неколкупати организираа протести и маршеви барајќи да престане бетонизацијата на општината и ја го обжалија планот на Уставен суд.

    Овие граѓански иницијативи сега бараат од Општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев да го стават нивното барање за носење на Одлука за запирање на спроведување на 29 урбанистички планови на точка на дневен ред на следната седница на општинскиот Советот и да ја изгласаат.

    „Правна поука, мислење нема што да се чека на оваа тема, зошто едни од најеминентните професори и стручни лица за оваа проблематика веќе дадоа свое мислење, а тоа е дека ‘може и треба Општината да ги запре, зошто е јасно дека не се донесени согласно законот. Подобро е да запре споведување на незаконски детални урбанистички планови, одошто да чека Уставниот суд да ги прогласи сите 29 за такви заради прекршена процедура’. Општината МОЖЕ и ТРЕБА да донесе Одлука за запирање на спроведување на 29 урбанистички планови, за кои законската порцедура не била испочитувана при нивно носење. Тоа е тоа. Кратко и јасно“, велат од граѓанските иницијативи Ние сме Карпош 4 и Зелено Тафталиџе.

    Досега, под притисок на граѓанските инцијативи Здравјето пред профит и За одбрана на Дебар Маало, само Општина Центар ја стопираше реализацијата на сите 31 досега донесени Детални урбанистички планови, што значи дека нема да се издаваат дозволи за градба. Мораториумот за градба се донесе на 27 декември 2017, а е продолжен до септември, до кога треба да заврши ревизијата на плановите и да се донесе одлука кои планови треба да се изменат.

    Од Општината велат дека причина за стопирање на плановите е тоа што голем дел од нив се носени во доцните ноќни часови и не е изготвен извештај за стручната расправа и јавна анкета. Ова се истите причини поради кои Уставен суд го укина и ДУП за Тафталиџе 1 донесен од Општина Карпош.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари