УСТАВЕН СУД ГО УКИНА МОРАТОРИУМОТ, ОД УТРЕ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ СПОРЕД ПЛАНОВИТЕ ОД ВЛАСТА НА ВМРО-ДПМНЕ

    УСТАВЕН СУД ГО УКИНА МОРАТОРИУМОТ, ОД УТРЕ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ СПОРЕД ПЛАНОВИТЕ ОД ВЛАСТА НА ВМРО-ДПМНЕВо центарот на Скопје повторно ќе може да се гради и тоа според решенијата од старите Детални урбанистички планови донесени во времето на ВМРО=ДПМНЕ. (Фото: К. Попов)

    Уставниот суд денеска ја укина одлуката за забрана за градба на територијата на Општина Центар. Тоа значи дека од утре, во центарот на Скопје повторно ќе може да се гради и тоа според решенијата од старите Детални урбанистички планови (ДУП) донесени во времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ кога центарот на Скопје доби нов лик со споменици и барокни фасади за кој владата на Никола Груевски потроши 700 милиони евра.

    „Уставниот суд ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови донесена од Советот на Општина Центар на 27.03.2019 година и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука“, се вели во соопштението објавено на веб страната на Уставен суд.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ во декември лани, кога Уставниот суд донесе времена мерка за укинување на мораториумот, рече дека имаат и други начини како да се спречи непланско градење додека не се променат сите планови.

    Уставниот суд  одлучуваше за уставноста на забраната за градба во скопски Центар по иницијативата поднесена до нив од двајца охриѓани.

    Во 2018, Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на мораториумот до Уставен суд беше поднесена од Градежната комора и Стопанската комора на Северозападна Македонија. Потоа, на 20 март Уставниот суд времено го укина мораториумот додека не се донесе одлука дали тој е законски донесен и во согласност со Уставот. По ваквата одлука на Уставен суд, Општина Центар донесе нова одлука за мораториум со која Деталните урбанистички планови кои се спротивни на Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје, нема да се применуваат. Сите планови кои се ревидираат се спротивни на ГУП-от, па со тоа во Општината не се издаваа дозволи за градба.

    Советот на Општина Центар по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, на 27 декември 2017 донесе мораториум на градба, со кој беше стопирана реализацијата на 31 детален план. Досега се донесени само 8 нови планови од вкупно 31.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира