УСТАВЕН СУД ГО УКИНА ПЛАНОТ ЗА КАРПОШ 3, „ПУЦКО ПЕТРОЛ“ НЕ МОЖЕ ДА ГРАДИ БЕНЗИНСКА ПУМПА

    УСТАВЕН СУД ГО УКИНА ПЛАНОТ ЗА КАРПОШ 3, „ПУЦКО ПЕТРОЛ“ НЕ МОЖЕ ДА ГРАДИ БЕНЗИНСКА ПУМПАСудот утврди дека планот е неусогласен со Генаралниот урбанистички план бидејќи се предвидува изградба на бензинска пумпа која е објект со класа на намена Е, на место кое што е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд на денешната седница го укина Деталниот урбанистички план (ДУП) за градска четврт 3 04 блок 04.05 на Општина Карпош, за просторот кај базенот „Борис Трајковски“. Со тоа не смее да се реализираат содржините кои се предвидени со него,па „Пуцко петрол“ не може да гради бензинска пумпа.

    Судот утврди дека ДУП-от е неусогласен со Генералниот урбанистички план (ГУП), бидејќи се предвидува изградба на бензинска пумпа која е објект со класа на намена Е, на место кое што е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти.

    „Поконкретно, просторот каде се планира изградбата на бензинска пума е означен како коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура. Уставниот суд оцени дека со вака донесената одлука на Општина Карпош се повредува начелото на владеење на правото, унапредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата предвидени во Уставот, но исто така е направена и повреда на членот 4 од Законот за урбанистичко планирање, бидејќи донесениот ДУП не е во согласност со ГУП“, се вели во соопштението од Уставен суд.

    Иницијативата за укинување на ДУП-от беше поднесена на 3 април 2022 од Наташа Шурбановска.

    На 3 март лани, со 16 гласови „за“ од советниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И ГРОМ, Советот на Општина Карпош го усвои Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт З 04, Блок 3 04.05. Против планот беа советниците од „Независни за Карпош“ и од Левица, кои не ни присуствуваа на вонредната седница на која единствена точка на дневен ред беше усвојување на планот.

    Со планот, на празниот простор пред ВИП Арена „Борис Трајковски“ паралелно со булеварот 8 Септември се предвидува бензинска пумпа, како и нова улица која ќе минува покрај терасата на базенот.

    Земјиштето за изградба на бензинската пумпа веќе е продадено на фирмата „Пуцко Петрол“ и поради тоа градоначалникот Стевчо Јакимовски тврдеше дека мора итно да се донесе планот, во спротивно Општината ќе биде тужена. За овој план Јакимовски се скара и со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, само неколку месеци откако дојдоа на функција, велејќи дека таа не му се јавува и го кочи донесувањето на планот, а на Општината ѝ се заканува тужба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира