ВАНДАЛИ ОБЕЗГЛАВУВААТ БИСТИ И КРШАТ СПОМЕН ПЛОЧИ НА ПАРТИЗАНИ ВО БИТОЛА

    ВАНДАЛИ ОБЕЗГЛАВУВААТ БИСТИ И КРШАТ СПОМЕН ПЛОЧИ НА ПАРТИЗАНИ ВО БИТОЛАОд битолската полиција пак велат дека кај нив никој не поднел пријава за оштетен споменик за да преземат натамошни мерки. - Оштетените спомен-обележја (Фото: СДК.МК)

    За шест дена вандали во два наврата осквернавија спомен обележја на партизани во Битола. Прва настрада бистата на народниот херој Панде Јовчевски – Кајзеро, во саботата ноќта, случаjно или не по прославата за влез во НАТО и ЕУ што се одржа во Битола. Токму на денот кога се навршуваа 95 години од неговото раѓање, непознати сторители ја обезглавија бистата сместена во дворот на истоимената месната заедница на улицата „15 Корпус“ во Битола. Тие најпрво ја удирале, по што ја откорнале од мермерниот постамент кој исто така е оштетен, а оштетувања има на главата и рамената. На местата заедница испишале „Името е идентитет“ и „Бојкот“.

    Вчера пак, вандали ја оштетиле спомен плочата со името на Иге Илиоски од Дрен, учесник во Антифашистичкото движење, стрелан во Битола. Плочата е на местото каде некогаш се наоѓал обласниот централен фашистички затвор кај Црн Мост во Битола.

    Од семејството на Кајзеро револтирано велат дека ова го доживеале како втор пат некој да го убил нивниот роднина. Објаснуваат дека годинава ова е втор пат како се оштетува неговата биста, а не се откриени сторителите.

    „Пред неколку месеци му го скршија носот, а сега беше мавана со стап, скршена од постаментот и фрлена на земја. Во полицискиот записник најдолу пишуваше дека ова дело се гони по приватна тужба. Како е тоа можно кога се работи за народен херој? Во договор со Сојузот на борци, за да не остане да лежи бистата на земја и да ја мочаат кучиња, ја зедовме дома. Денес ми беше кажано дека е разговарано со надлежни од Општината, дека од јавното претпријатие ’Комуналец‘ ќе ја земат, санираат и пак ќе ја постават на постаментот“, велат од семејството Јовчевски.

    Да престане уништувањето на бистите на партизаните, бараат од Сојузот на борци од Битола. Во писмено соопштение до јавноста истакнаа: „Изненадени сме од постапката на оние кои се осмелиле ова да го сторат. Панде Кајзерот како и останатите негови соборци ги дадоа животите за слобода на овој народ и заслужуваат почит. Бараме од надлежните органи да ги најдат сторителите и да утврдат која им била целта“.

    Наспроти ваквите тврдења и барања, од битолската полиција пак велат дека кај нив никој не поднел пријава за оштетен споменик за да преземат натамошни мерки.

    Сквернавењата на спомен обележјата го отворија прашањето кој е надлежен да ги штити и одржува.

    „За поголема заштита во иднина можат да се стават видео камери. Но, Сојузот на борци нема надлежност, ни средства да ги одржува споменичните обележја, тоа е обврска на општините. Министерството за култура пак, има надлежност да води регистар со сите споменици и спомен обележја“, вели Александар Литовски, историчар од Завод и музеј и член на претседателство на Сојузот на борци од Битола.

    Претседателката на Комисијата за подигање на спомен обележја при Советот на Општина Битола, Татјана Крнчевска, вели дека Општината за вандализам и физичко оштетување на спомен обележјата, според законските одредби, може само да алармира до СВР Битола. Доколку одредено спомен обележје е исцртано со графити или пак просторот околу него е со смет, тогаш на терен делуваат екипите на ЈП „Комуналец“.

    Од „Комуналец“ велат дека одамна како дејност немаат изработка на споменици, но во разговор со Општината, а во согласност на своите надлежности, ќе сторат сѐ што можат за да се санираат спомен обележјата и во иднина да се заштитат од вандали.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира