И лицата со попреченост да добијат ваучери од Владата за поддршка, побара на денешната прес-конференција Далиборка Златева од Здружението на лица со церебрална парализа од Велес. Тие досега не биле опфатени со ниту еден пакет мерки за финансиска помош, а бараат ваучер за набавка на лекови, здрава храна и хигиенски материјал, како и ваучер за рехабилитација, рекреација и одмор. И двата би биле во висина од по шест илјади денари.
„Никој во период од една година не помисли на категоријата лица со попреченост, што е поразително. Тие и без присуството на коронавирусот живеат во еден поинаков свет кој секојдневно им носи карантин, потреба од витамини, специјализирана храна, потреба од рехабилитација и рекреација. Во услови кога целиот свет живее во стегите на пандемијата, децата и лицата со попреченост тоа го чувствуваат двојно“, кажа Златева.
Барањата на велешкото здружение се поддржани и од три други, „Доза среќа“, „Соѕвездие“ и „Пркос“, сите од Скопје. Тие исто така работеле со лица со попреченост.
На прес- конференцијата, Златева ги актуелизираше и десетина години старите барања за промена на законската регулатива за животот на лицата со попреченост. Тие се однесуваат на здравствената, социјалната и пензиска законската регулатива.
П. ПЕЧКОВ