ВЕЧЕРВА ПОЧНУВА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“, НА ШИРОК СОКАК ЌЕ СЕ ОТКРИЈАТ ЅВЕЗДИТЕ НА ДОБИТНИЦИТЕ НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300

    ВЕЧЕРВА ПОЧНУВА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“, НА ШИРОК СОКАК ЌЕ СЕ ОТКРИЈАТ ЅВЕЗДИТЕ НА ДОБИТНИЦИТЕ НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300Фестивалот се отвара со проекција на италијанскиот филм „Партенопе“ во режија на Паоло Сорентино (Фото:„Браќа Манаки“

    Вечерва во Битола почнува 45. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.
    Традиционално, пред Центарот за култура во 19.15 е црвениот тепих, а во 19.45 почнува церемонијата на свеченото отворање и проекција на италијанскиот филм „Партенопе“ во режија на Паоло Сорентино, чиј кинематографер е Дариа Д’ Антонио. Филмот е во официјалната селекција КАМЕРА 300.
    Годинашен добитник на наградата Златна камера 300 за животно дело е францускиот кинематографер Бруно Делбонел, кој ќе присуствува на свеченото отворање и ќе ја прими наградата.
    Добитничка на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е истакнатата полска кинематограферка – Јоланта Дилевска.
    На свеченото отворање ќе биде врачена и наградата што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) – „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, чиј добитник е Димитар Грбевски, македонски филмски и телевизиски монтажер.
    Во Битола веќе пристигнаа првите гости, а црвениот тепих е поставен пред Центарот за култура.
    Од утре за првпат на Широк сокак во Битола ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници на наградата Златна камера 300 која се доделува за животен опус со годината кога ги добиле почнувајќи од браќата Манаки, во чие име е направен фестивалот.  Јанаки и Милтон Манаки ќе добијат по една ѕвезда, кои утре во присуство на членови на нивното семејство ќе бидат отворени.
    Оваа своевидна „Патека на славните“ почнува од пред киното Манаки и оди кон Офицерскиот дом.
    Годинава ќе бидат откриени 18 ѕвезди. Шестмина од досегашните лауреати  ќе присуствуваат на отварањето на која секој ќе ја открие својата ѕвезда. Тоа ќе го направи и  годинашниот добитник на Златната Камера 300 за животен опус, францускиот кинематографер Бруно Делбонел.
    Најавено е присуство на 300 до 450 гости на годинашното издание на Фестивалот, меѓу кои претседатели и претставници на бројни национални и меѓународни кинематограферски организации.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира