ВЕДНАШ ПОЧНУВАМЕ СО РЕВИЗИЈА НА РАБОТАТА НА ДОСЕГАШНАТА ВЛАСТ, КАЖА НОВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА ТЕТОВО, БИЛАЛ КАСАМИ

    ВЕДНАШ ПОЧНУВАМЕ СО РЕВИЗИЈА НА РАБОТАТА НА ДОСЕГАШНАТА ВЛАСТ, КАЖА НОВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА ТЕТОВО, БИЛАЛ КАСАМИТеута Арифи му посака успешна работа на Касами (Фото: СДК.МК)

    Билал Касами ја презеде градоначалничката функција во Општина Тетово од Теута Арифи, пречекан од голем број негови приврзаници. Тој од Општинската изборна комисија го прими уверението за избор за градоначалник и веднаш потоа се упати во канцеларијата на досегашната градоначалничка. Таму се задржа само неколку минути, а потоа се сретна со Арифи за примопредавање на должноста.

    Касами кажа дека веднаш ќе почне со преиспитување на состојбите во Општината и најави целосна ревизија на работењето на претходната власт.

    „Свесни сме дека од денеска мене и мојот тим нè чекаат тешка и напорна работа. Од овој момент ќе започне скенирање на актуелните состојби во Општина Тетово и веднаш, согласно законските одредби, ќе ангажираме надворешни специјалисти за целосна ревизија. Граѓаните треба да знаат каде и како се трошеле нивните пари, колкав долг има општината и како е создаден. Кој злоупотребил јавни средства, ќе одговара. Ќе ја скенираме и работата на јавните претпријатија и можеби ќе поставиме нови раководни лица. Членовите на досегашната општинска администрација кои доследно си ја вршеле работата не само што ќе ја имаат мојата целосна поддршка, туку и ќе се заложам за нивно унапредување. Оние кои никогаш не се појавиле на работните места и земале плати и паушали на сметка на граѓаните ги повикувам самите да се повлечат“, изјави Касами.

    Што се однесува до конституирањето на новиот Совет, Касами рече дека има обезбедено мнозинство, но не прецизираше за колкав број советници станува збор и од кои партии се.

    „Како што налагаат демократските принципи и волјата на граѓаните, направивме примопредавање на должноста градоначалник, што досега не се случило. На Касами му посакувам успех во работата. Водењето на еден град е голем предизвик“, изјави Теута Арифи на крајот на својот осумгодишен мандат.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира