ВЕДНАШ СЕ ПОТРОШИЈА 250 ТЕРМИНИ ВО ВЕЛЕС ЗА БЕСПЛАТНА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

    ВЕДНАШ СЕ ПОТРОШИЈА 250 ТЕРМИНИ ВО ВЕЛЕС ЗА БЕСПЛАТНА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИПВакцинацијата во Велес, која беше стопирана десетина дена, продолжува од денес во Здравствениот дом со термини до петок. (Фото: СДК.МК)

    Вчера попладне, Министерството за здравство пушти 250 термини за бесплатна вакцинација против сезонски грип во Велес, а сите се веднаш потрошени. Вакцинацијата, која беше стопирана десетина дена, продолжува од денес во Здравствениот дом, за следните два дена има 71 термин, а за петок има 36 термини.

    „Тоа за колку кратко време се потрошија бесплатните вакцини зборува дека и натаму постои интерес, дека пациентите од здравствено ранливите категории сакаат да се вакцинираат и имаат потреба. Иако сме средината на декември, што е надвор од сите календари, интерес кај пациентите има и тие очекуваат во наредните денови нови термини за вакцинација, бидејќи има уште лица кои имаат потреба да се вакцинираат“, вели матичен доктор од Велес.

    Вакцинација е бесплатна за следните дефинирани ризични групи: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата на возраст од 6 месеци до 5 години.

    „Според препораките од страна на епидемиолозите, нема период во кој може да се задоцни со вакцинацијата. Добро е секој граѓанин да ја прими вакцината во било кој пердиод до започнување на пикот на сезоната на грип. Порано пикот на сезоната бил во декември и јануари, а сега со временските промени пикот го очекуваме при крајот на месец јануари и почеток на февруари. Во однос на ова, според епидемиолозите никогаш не е доцна граѓаните да се заштитат од сезонскиот грип и да ја примат потребната вакцина“, велат од Министерството и додаваат дека оваа сезона уште нема потврден случај за сезонски грип.

    Пред да се пуштат овие 250 вакцини, за четири седмици во ноември беа вакцинирани 400 велешани, толку вакцини беа издвоени за бесплатна вакцинација против сезонски грип. Од вчера започна и комерцијална вакцинација во Центарот за јавно здравје Велес, која чини 800 денари. Таму беа набавени 1.300 вакцини за Повардарјето, од нив 400 се за Велес. Од нив веќе половината биле потрошени првиот ден.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира