ВЕЌЕ НЕМА ДА ИМАМЕ ОПРАВДУВАЊЕ ДЕКА НЕМАМЕ ИНСПЕКТОРИ, КАЖАА СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ КОИ ФОРМИРАА ЗАЕДНИЧКА ИНСПЕКЦИЈА

    ВЕЌЕ НЕМА ДА ИМАМЕ ОПРАВДУВАЊЕ ДЕКА НЕМАМЕ ИНСПЕКТОРИ, КАЖАА СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ КОИ ФОРМИРАА ЗАЕДНИЧКА ИНСПЕКЦИЈАЗа цело Скопје сега ќе има вкупно 115 инспектори и комунални редари кои ќе можат да интервенираат во било која општина. (Фото: К. Попов)

    Град Скопје и десетте скопски општини од први јануари ќе имаат заедничка инспекциска служба. Тоа значи дека сите инспектори, и на Град Скопје и на Општините, ќе можат секаде да интервенираат и да казнуваат за прекршоци од комуналната сфера и загадувањето.  За цело Скопје сега ќе има вкупно 115 инспектори и комунални редари, а ќе бидат координирани од Инспекторатот на Град Скопје.

    „За комуналниот ред и животната средина во Скопје повеќе не постојат административни граници и пречки. Инспекторите за животна средина, комуналните инспектори и комуналните редари од Град Скопје заедно со инспекторите и редарите од сите скопски општини од денеска се дел од еден заеднички тим. Ваквиот заеднички тим го формираме заради заштита на животната средина и природата, за преземање мерки за заштита и спречување на загадувањето на водата, воздухот, земјиштето, заштита од бучава и нејонизирачко зрачење утврдени во Законот за локална самоуправа“, кажа градоначалникот Петре Шилегов.

    Градоначалникот на Општина Газа Баба Борис Георгиевски кажа дека со меморандумот кој што го потпишаа за заедничка инспекциска служба, Општините ќе работат многу поефикасно.

    „Сега нема да имаме оправдување дека поради мал број комунални инспектори не може да се контролираат сите загадувачи, создавањето на диви депонии или дека гореле гуми некаде низ градот навечер, а немало кој да контролира. Нема да има пречка да интервенираме на друга општинска територија, територијалните граници и бариери нема да постојат“, кажа Георгиевски.

    Сега засега, заеднички надлежности нема да имаат за градежништвото, како што пред пола година најави градоначалникот Петре Шилегов, по случајот со дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“ бидејќи за тоа се потребни измени на Законот за градба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира