Голем број велешани кои што добиле покана за вакцинација против ковид-19 преку СМС за во друг град, вчера отишле во вакциналниот пункт во Велес, но не биле вакцинирани. Тие дошле во Здравствениот дом, каде се врши вакцинацијата, но не примиле вакцина.
„Имаше повеќе лица, кои дојдоа согласно апелот од Министерството за здравство дека иако имаат термин во друг град, можат да ја покажат СМС пораката и да се вакцинираат во градот каде живеат. Така и сторивме, но нѐ вратија, ни кажаа дека вакцини за нас нема“, вели 68-годишна велешанка, која требало да се вакцинира во пунктот за масовна вакцинација во Кавадарци.
Таа и десетина други велешани се повикуваа на јавно кажаниот став од Министерството заздравство дека не е потребно граѓаните повторно да се пријават ниту на вакцинација.мк ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт во местото каде живеат да ја покажат пораката која ја добиле, односно каде пишува дека вчера имале термин за вакцинација.
Од Здравствен дом Велес потврдија дека имале случаи на лица кои дошле да се вакцинираат кај нив, а ги немало на листата.
„Немаме добиено никаков писмен документ од Министерство за здравство, како да постапуваме во овие случаи. Сите вакцини кои ги имаме се распределиени во ‘Мој термин’ и немаме други за да можеме да вакцинираме надвор од листата. Имаше голем број лица кои дојдоа и бараа да се вакцинираат, а биле запишани во друг град“ , изјави д-р Пандели Божиков.
Вакцинацијата во оваа здравствена институција ќе се одвива и утре, со кинеската вакцина на„Синофарм“. Од друга страна, бројни велешани во текот на вчерашниот ден иако не биле повикани на вакцинација, заминале во Кавадарци и биле вакцинирани против ковид-19.
„Јас и сопругот заминавме во вакциналниот пункт за масовна вакцинација во Кавадарци, имаме повеќе од 65 години. Немавме покана, но сакавме и решивме да се вакцинираме. Приложивме лична карта, нѐ вакцинираа, ни дадоа датум за втора доза, немаше никаков проблем“, вели брачен пар од Велес.
Тие додаваат дека како нив имало и повеќе нивни сограѓани кои ги познаваат и се вакцинирале во Кавадрци, иако немале покана за вакцинација.
П. ПЕЧКОВ