СИТЕ КОИ ДОБИЛЕ ТЕРМИН ЗА ВАКЦИНИ ВО ДРУГ ГРАД, ДА ОДАТ ВО НАЈБЛИСКИОТ ПУНКТ КАЈ ШТО ЖИВЕАТ

    СИТЕ КОИ ДОБИЛЕ ТЕРМИН ЗА ВАКЦИНИ ВО ДРУГ ГРАД, ДА ОДАТ ВО НАЈБЛИСКИОТ ПУНКТ КАЈ ШТО ЖИВЕАТНе треба повторно да се пријават ниту на вакцинација.мк ниту кај својот матичен лекар,туку само да дојдат на вакциналниот пункт. (Фото: К. Попов)

    Граѓаните кои добивале смс пораки за да се вакцинираат во друг град, а не каде што живеат и вчера не дошле за вакцинирање против ковид-19, треба да дојдат денеска во местото каде живеат, односно на вакциналниот пункт во нивниот град, апелира Министерството за здравство. Ова важи за сите граѓани кои и денеска или во наредните денови ќе се соочат со овој проблем.

    Појаснувањето на Министерството следи откако граѓаните на социјалните мрежи реагираа дека за вакцинација добивале смс пораки за да се вакцинираат во друг град, а не каде што живеат, и дека системот Мој термин направил анализа.

    „Не е потребно граѓаните повторно да се пријават ниту на вакцинација.мк ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт да ја покажат пораката која ја добиле односно каде пишува дека вчера имале термин за вакцинација“, вели Министерството.

    Анализата покажала дека граѓаните при закажување на веб страницата сами направиле погрешен избор на локација каде сакаат да се вакцинираат, поради тоа системот автоматски им испратил порака за локацијата, односно вакциналниот пункт и градот, што сами го одбрале.

    „Ви приложуваме пример – Лицето добило порака дека, треба да се вакцинира во Струга, а место на живеење му е во Скопје. Денеска може да оди на кој било вакцинален пункт во Скопје но задолжително да ја прикаже пораката што ја добил за вакцинација. Доколку доказот дека има термин е валиден, лицето ќе се вакцинира, веднаш“, стои во соооштението од Министерството.

    Освен салите за масовна вакцинација во Скопје, Куманово, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола, вакциналните пунктови работат и во здравствените установи во Струмица, Прилеп, Гостивар, Кичево, Струга, Велес, Кочани, Дебар и Гевгелија.

    Министерството за здравство апелира до граѓаните да го почитуваат терминот, односно времето кое го добиле за вакцинација, за да не се создава метеж на вакциналните пунктови.

    Во земјава досега се вакцинирани 66.086, а пријавени се 245.287.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира