ВЕЛЕШАНИ НЕ ЗНААТ КАКОВ ВОЗДУХ ДИШАТ, А НЕМА ДА ЗНААТ НИТУ ЗИМАВА

    ВЕЛЕШАНИ НЕ ЗНААТ КАКОВ ВОЗДУХ ДИШАТ, А НЕМА ДА ЗНААТ НИТУ ЗИМАВАОптималната оперативност на инструментот е 10 години и таа веќе одамна е истечена и потребна е набавка на нов, велат од Министерството за животна средина (Фото: СДК.МК)

    Велешани не знаат каков воздух дишат, ниту има најави дека ќе разберат каков е квалитетот на воздухот во наредниот период.

    По реакциите на јавноста дека апаратот на Министерството за животна средина кој ги мери ПМ 10 честичките не е во функција, локалната власт реагирала до надлежните. Оттаму добиле информација дека е неизвесно кога апаратот ќе проработи. Или Велес ќе остане без податоци за загаденоста на воздухот со прашина (ПМ 10 честички) до набавката на нов инструмент.

    „Инструментот за ПМ 10 во мониторинг станицата ‘Велес 2‘ е во функција од 2004 година. Со оглед на староста, неговата чувствителност се намалува. Оптималната оперативност на инструментот е 10 години и веќе одамна е истечена. Поради тоа, мерниот инструмент е чувствителен на промена на температура, влажност и атмосферски притисок и дава неточни податоци за измерените концентрации. Поради овој технички проблем, мерења за ПМ 10 нема да се вршат додека не се обнови опремата“, одговориле од Министерството за животна средина (МЖСПП).

    Тој не е во функција од почетокот на јули годинава. При крајот на јуни и во почетокот на јули, апаратот започна да покажува високи вредности, што за лето беше невообичаена појава. За разлика од ова, параметрите кои ги покажуваат вредностите за чад и сулфурдвеоксид работат. Тогаш од Министерството кажаа дека резултатите се неверодостојни со невообичаено високи часовни вредности, кои достигнуваа и до 200 микрограми на метар кубен.

    „Тие се неверодостојни и се резултат на староста на анализаторот и истите се изземаат“, информираа летоска од МЖСПП.

    Така, од 12 јули, велешани на знаат каков воздух дишат во однос на суспендираните честички со големина од 10 микрограми. На ова реагираа и екологистите од „Зелена сила“.

    „Ускратено е правото граѓаните на Велес да знаат во каква животна средина живеат. Оправдување не може да има дека апаратот е стар. Но, ова не е единствен показател за нефункционирањето на ова Министерство, оти и натаму дозволуваат да работи Варницата во Превалец, иако таа нема А-интегрирана дозвола и постапката сега ја започнаа“, рече Игор Смилев од ЕГ „Зелена сила“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира