Жена со нож го прободела невенчаниот сопруг во Велес, кој во животозагрозувачка состојба е пренесен во Скопје. Велешката полиција ни потврди дека таа лани го пријавувала за насилство и дека против партнертот е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес.
„На 6 јули во 19 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес ја лишија од слобода 30-годишната Т. Д. од Велес, затоа што во домот со остар предмет му нанела убодна рана на нејзиниот 37-годишен вонбрачен сопруг“, рече портпаролката на СВР Велес Ана Милеска-Ѓеоргиева.
Повредениот бил пренесен во Општата болница во Велес за укажување лекарска помош, а Т. Д. била приведена и задржана во полициска станица. Полицајците го наште и го одзеле ножот.
Од Велешката болница велат дека повредениот бил прободен со нож во пределот на градите, а на приемот бил свесен, бил во стабилна состојба и немало повреди во виталните органи.
„Направено е компјутерско иследување и поради тоа што се работело за животно загрозувачка состојба истиот е препратен на клиника за градна хирургија за натамошен третман“, соопшти портпаролката на Општа болница Велес, д-р Анамарија Џунџева.
Против Т. Д. полицијата поднела кривична пријава за кривично дело Убиство во обид и според членот од Кривичниот законик сторено при семејно насилство за кое е предвидено казна доживотен затвор.
На прашање до СВР Велес, дали Д. Т. која е осомничена во овој случај, има пријавувано насилство од невенчаниот сопруг, велешката полиција потврди дека имало пријава и оти има пуштено кривична пријава до ОЈО Велес. Тој живеел во вонбрачна заедница со осомничената, бил од Кавадарци каде имал сопруга од која не бил разведен.
„На 22.12.2025 СВР Велес до Основното јавно обвинителство Велес поднесе кривична пријава против сега оштетениот, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело Загрозување на сигурноста казниво по член 144 од Кривичниот законик. Имено тој на 14.12.2025 во угостителски објект во Велес ѝ се заканувал нa неговата вонбрачна партнерка Т. Д., по што бил лишен од слобода и задржан во полициска станица“, кажа портпаролката Милевска-Ѓеоргиева.
Обвинителството ја отфрлило кривичната пријава поднесена од СВР Велес на 22 декември 2025 за кривичното дело Загрозување на сигурноста.
„Поднесена била кривична пријава против сега оштетениот за Загрозување на сигурноста, чл. 144 од Кривичниот законик. По сослушување на странките надлежен јавен обвинител донел решение за отфрлање по член 288 од Законот за кривична постапка (ЗКП), во месец февруари 2026“, кажаа од Основното јавно обвинителсто (ОЈО) Велес.
Во Законот за кривична постапка за членот 288 за причините за отфрлање на кривична пријава пишува: Јавниот обвинител со решение ја отфрла кривичната пријава ако од самата пријава произлегува дека пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност, ако настапила застареност или делото е опфатено со амнестија или помилување, ако постојат други околности што го исклучуваат гонењето или ако не постои основано сомневање дека пријавениот го сторил кривичното дело. Решението за отфрлање на кривичната пријава се доставува на оштетениот кој има право да поднесе жалба до повисокиот јавен обвинител“.
На осомничената Т. Д. и е изречен притвор во траење од 30 дена од судија во предистражна постапка при Основен суд Велес по барање на обвинител од ОЈО Велес.
П. ПЕЧКОВ



