Велешанка вработена во градинка заминала за Србија на одмор со негативен тест за ковид-19 направен во приватна лабораторија, но истата лабораторија до Центарот за јавно здравје пратила документ дека таа била позитивна. Таа е еден од петте новопријавени случаи во Велес денес.
„Имаме многу чудна ситуација на вработена во градинка, која заради патување во странство правела ПЦР тест кој по нејзино кажување бил негативен и со него ја минала границата, а сега се наоѓа во соседна држава. Подоцна, резултатот од приватната лабораторија e пријавен до Министерството за здравство како позитивен. Поради тоа, петте деца од градинката и колешката воспитувачка се изолирани, извршена е дезинфекција на објектот“, вели Центарот за јавно здравје Велес.
Четирите останати случаи се двајцата мажи кои се заразиле на работно место во соседни градови оти работат надвор од Велес, една жена е заразена од член од семејството, а втората жена според епидемиолошка анкета не може да посочи од каде се заразила. Двете жени кои се оздравени биле на домашно лекување. Досега во Велешко има заразени 335 лица, активни се 36, досега оздравеле 283, а починати се 16.
„На Инфективно одделение од Велешката болница се 23 пациенти, 22 се потврдени позитивни, еден сомнителен, а еден пациент од Свети Николе пуштен по два негативни теста како оздравен“, вели д-р Весна Николовска-Неделкова, портпаролка на Општа болница Велес.
П. ПЕЧКОВ